Muhammed Ali Toruntay
04 Јуни 2022•Ажурирај: 05 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Туркије (Турција) и на АК партијата, Реџеп Таип Ердоган, во денешното обраќање во Анкара потсети на напредокот и успесите што Турција ги оствари во изминатите 20 години, известува Агенција Анадолија (АА).
„Достигнувањата на нашата земја во изминатите 20 години се неделив дел на нашите животи на сите полиња“, рече Ердоган во обраќањето на отворањето на 30. консултативен состанок на АК партијата што се одржа во Анкара, главниот град на Турција.
Ердоган потсети и дека при преземањето на власта пред две децении на граѓаните им кажале дека државата ќе ја издигнат на четири клучни темели, а тоа се образование, здравство, правда и безбедност.
Претседателот на Турција спомена само некои од услугите и проектите реализирани во Турција во последните 20 години.
„Бројот на универзитети, кој изнесуваше 76 кога ја презедовме власта, денес е зголемен на 208, а бројот на академскиот персонал, кој беше 70.000, денес изнесува 185.000. Бројката на студенти што изнесуваше околу 1,5 милиони, денес изнесува 8,3 милиони“, рече Ердоган.
Претседателот Ердоган истакна дека Турција во првиот квартал од оваа година остварила раст од 7,3 %, додека голем број земји во светот бележат економски пад.
Ердоган во своето обраќање истакна и дека Турција одлучно ја продолжува борбата против тероризмот, напоменувајќи дека турските безбедносни сили во операциите „Штитот на Еуфрат“, „Маслинова гранка“ и Канџа-катанец“ го разбиле коридорот на тероризам што терористите се обидуваат да го формираат на јужната граница на Турција.
„Триесет километри од нашата јужна граница се наше безбедносно подрачје и не сакаме да ни пречат во оваа безбедносна зона. Во тој контекст ги преземаме потребните чекори“, рече Ердоган.