Ali Kemal Akan
02 Јуни 2022•Ажурирај: 03 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека земјата забележала раст од 7,3 отсто во првиот квартал од оваа година и затоа нејзиниот извоз секој месец руши рекорди, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган денеска се обрати на церемонијата на доделување награди на Советот за научни и технолошки истражувања на Турција (ТУБИТАК) за истражувачки проекти на средношколци.
Во своето обраќање тој потсети дека веќе 20 години Туркије вложува во сите области, од образование до здравство, од правда до безбедност, од транспорт до енергетика.
Тој истакна дека кога ја презеле должноста, во Туркије имало 76 универзитети, а сега има 207.
„Кога ја презедовме должноста, на прсти можевме да ги изброиме градовите каде што имаше универзитет, а денес имаме универзитети во секоја од нашите 81 област. Зошто? Целта ни беше нашите деца од Хакќари да не мора да доаѓаат во Истанбул или Анкара да студираат, туку нашите професори да одат во Хакќари и нашите деца да можат да учат таму“, истакна Ердоган.
Тој се осврна на денешните објавени податоци за надворешната трговија на Туркије, според кои земјата остварила најголем извоз за месец мај во својата историја.
„Туркије во првото тримесечје оваа година забележа раст од 7,3 отсто. Затоа нашиот извоз секој месец руши рекорди“, рече Ердоган.