Zehra Ulucak
20 Мај 2020•Ажурирај: 22 Мај 2020
АНКАРА
Во американската сојузна држава Мичиген поројните дождови го зголемија нивото на водите во реките кои предизвикаа попуштање на две брани, поради што е издадена наредба за евакуација на илјадници лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави „Си-ен-ен“ (CNN), гувернерот на Мичиген, Гречен Витмер, даде изјава во која соопшти дека е прогласена вонредна состојба во подрачјето Мидленд Каунти откако синоќа попуштиле браните Иденвил и Сенфорд.
Гувернерот Витмер, упатувајќи повик до локалното население, истакна: „Доколку имате член на семејството или некој ваш близок кој живее во другиот дел од државата, заминете веднаш таму. Доколку немате, заминете во едно од засолништата отворени во подрачјето.“
Витмер предупреди: „Во наредните 12 до 15 часа центарот на Мидленд ќе биде потопен приближно 9 стопи [околу 2,7 метри].“
Гувернерот Витмер истакна дека новонастанатата ситуација се јавува во период кога владее пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) и потребно е таа да биде надмината, за што сите единици во сојузната држава се подготвени да дадат сѐ од себе. „Ве молам, колку што е тоа во ваша моќ, кога ќе заминете во засолниште или доколку престојувате кај ваши пријатели, роднини, продолжете да носите маска“, порача гувернерот Витмер.
Во соопштението објавено на интернет-страницата на градот Мидленд, на локалното население му се препорачува колку што е можно „да се побараат повисоки локалитети“ источно и западно од реката Титабаваси.
Сервисот за национална временска состојба на градот Детроит преку својот профил на социјалната мрежа Твитер објави дека во подрачјето Мидленд ненадејната состојба на поплави ќе продолжи до 07:30 часот по локално време.
- Евакуирани приближно 10.000 лица
Марк Бон, висок претставник на подрачјето Мидленд, информира дека од објавувањето на апелот за евакуација па досега, се претпоставува дека приближно 3.500 домови и околу 10.000 лица се погодени од новонастанатата ситуација.
Бон соопшти дека досега не е регистриран смртен случај или повреда предизвикани од попуштањето на браните.
Бон соопшти дека додека населението се сместува во засолништата, продолжуваат превентивните мерки против Ковид-19, додавајќи дека персоналот на екипите за итна помош е снабден со големо количество медицинска опрема за лична заштита, носи маски, и дека има маски и за оние кои се сместени во засолништата.