Faruk Zorlu,Burak Dağ
27 Јуни 2022•Ажурирај: 28 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Туркије го поддржува дијалогот за затоплување на односите меѓу Азербејџан и Ерменија и итно отворање на коридорот Зангезур, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката прес-конференција со неговите колеги од Азербејџан и Казахстан, Чавушоглу рече: „Ние силно го поддржуваме коридорот Зангезур, кој ќе обезбеди поврзување меѓу западните региони на Азербејџан и Нахчиван“, ексклава на Азербејџан која моментално е достапна само преку Ерменија.
Претходно денес, во главниот град на Азербејџан, Баку, се одржа трилатерална средба меѓу министрите за надворешни работи и транспорт.
„Очекуваме итно отворање на коридорот“, рече Чавушоглу, додавајќи дека овој развој на настаните ќе има позитивно влијание врз регионот.
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, кон крајот на мај изјави дека Баку постигнал согласност со Ереван за отворање на коридорот Зангезур, вклучително и изградба на железници и автопати.
По завршувањето на железницата, Азербејџан ќе може да допре до Иран, Ерменија и Нахчиван. Железницата, исто така, ќе ја поврзува Турција со Русија преку Азербејџан.
Ерменија и Азербејџан водеа 44-дневна војна во септември 2020 година за Нагорно-Карабах, територија меѓународно признаена како дел од Азербејџан, и седум соседни региони.
Во војната, која заврши со мировен договор со посредство на Русија, Азербејџан ослободи неколку градови и над 300 населени места и села кои беа окупирани од Ерменија речиси 30 години.