Beyza Binnur Dönmez
11 Февруари 2023•Ажурирај: 14 Февруари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Швајцарскиот спасувачки тим вчера извлече шестмесечно бебе и неговата мајка од урнатата зграда во земјотресите што ја потресоа Туркије, па вкупниот број на луѓе што ги спаси оваа екипа се зголеми на 11, известува Анадолу.
„Спасувањето на девојчето и нејзината мајка се случи во областа Хатај“, објави швајцарската единица за хуманитарна помош на социјалната мрежа Твитер, споделувајќи ја фотографијата од драматичното спасување на бебето.
Во објавата се наведува дека тимот досега спровел 11 спасувања и дека мисијата на швајцарските спасувачи продолжува со 8 кучиња.
Министерството за надворешни работи на Швајцарија објави дека тимот од 12 психолози, логистичари, лекари и специјалисти за живеење отпатувал кон Туркије.
Освен тоа, експерти од „Swiss Development and Cooperation“ ќе отпатуваат за Алепо во Сирија за да извршат проценка за потребите од помош.
- Разорните земјотреси што ја потресоа Туркије на 6 февруари
Два силни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер, во понеделникот наутро во 4:17 часот по локално време, со епицентар во округот Пазарџик, и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер, со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш.
И турските области Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатја, Османие, Хатај и Килис се тешко погодени од земјотресите.
Најмалку 20.665 лица загинаа, а 80.088 се спасени по двата силни земјотреси што во понеделникот ги потресоа јужните делови на Туркије.
Во земјотресите што силно ги потресоа и северните делови на Сирија, животот го загубија најмалку 3.300 лица, а над 5.000 се повредени.