Muhammed Boztepe
13 Јануари 2020•Ажурирај: 14 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, истакна дека како резултат на неодамнешните случувања и конфликти, од 1 декември 2019 година до денес 312.000 луѓе мигрирале близу до границата на Турција и дека 76 отсто од нив се жени и деца, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот Сојлу го започна своето обраќање на промоцијата на почетокот од кампањата за помош во Идлиб, чиј организатор е Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), со набројување на имињата на децата што загинаа како резултат на превртувањето чамец во областа Чешме, во Измир.
Сојлу, критикувајќи ги насловите по медиумите во кои смртта е прикажана како нормална, рече дека светот освен името Ајлан не ги знае другите имиња, а секое од нив претставува еден живот.
Тој, исто така, истакна дека кампањата „Ние сме заедно, ние сме до Идлиб“ ја започнале за намалување на човечката драма во Идлиб.
„Можеби требаше долго да се раскажува што значи оваа кампања и зошто се спроведува. Но откако во саботата од студените води на Егејот, за жал извадивме безживотни тела на 8 деца, нема потреба од раскажување. Ние од 2011 година се соочуваме со ваквите болки. Нашите деца ги собираат безживотните тела на тие деца. Ние сме соседи со тие лица, ние имаме заедничко историско минато со нив. Секако дека ќе се засолнат на нашата врата“, нагласи Сојлу.
- „76 проценти од мигрантите се жени и деца“
Потсетувајќи дека со иницијативата на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, е постигнато примирје во Либија и Идлиб, Сојлу рече дека со прогласувањето примирје народот почнал да живее поспокојно.
Истакнувајќи дека луѓето од Либија и Идлиб засега се спасени од немилосрдните бомбардирања, Сојлу рече дека сега е вистинското време да се биде со тие луѓе и да им се помогне.
Министерот Сојлу, потсетувајќи дека пред Граѓанската војна во Идлиб живееле 1,5 милиони луѓе, рече дека сега со миграцијата населението е зголемено на 3,7 милиони.
„Како резултат на неодамнешните случувања и конфликти, од 1 декември 2019 година до денес 312.000 луѓе мигрираа на места близу до нашата граница. 76 отсто од тие што имигрираа се жени и деца. Тоа не е преселување. Тоа е бегање. Зеле со себе што можеле да земат и избегале. Тие доаѓаат во 9-те кампови што ги поставивме на местата 20 километри близу до нашата граница“, рече министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу.