Sarp Özer
13 Ноември 2022•Ажурирај: 14 Ноември 2022
АНКАРА (АА) – Вооружените сили на Туркије (ТСК) во рамките на операцијата „Канџа-катанец“ досега неутрализираа 455 терористи, уништија 557 пештери и скривалишта и 1.904 рачно изработени експлозивни направи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Извори од турското Министерство за одбрана соопштија дека операцијата „Канџа-катанец“ насочена кон терористите во Авашин-Басјан, Зап и во Метина, на северот на Ирак, се одвива според планираното.
Турските војници ја продолжуваат успешната борба против тероризмот и уништуваат засолништа во кои се наоѓаат терористите.
Од средината на април, кога беше започната операцијата, досега неутрализирани се 455 терористи, а уништени се 557 пештери и скривалишта и 1.904 експлозивни направи.
Освен тоа, запленети се и противтенковски проектили, ракетни фрлачи, автоматски пушки, снајперски пушки, како и други видови оружје.
Турските војници запленија и големи количества муниција, уреди за комуникација и друга опрема, како и речиси 90 тони животни намирници.
Безбедносни извори соопштија дека се забрзани активностите во борбата против терористите на тоа подрачје.
Минатата недела турскиот министер за одбрана Хулуси Акар при посетата на командниот штаб од каде што се води операцијата, преку видеолинк разговараше со командантите на операцијата „Канџа-катанец“.
„Со преземањето на контролата над целото подрачје на операцијата „Канџа-катанец“ се приближуваме до крајот“, рече Акар.