Sarp Özer
30 Октомври 2021•Ажурирај: 31 Октомври 2021
АНКАРА (АА) – Турските командоси фатија најмалку четворица терористи на ПКК засолнети во пештера во северен Ирак, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како дел од тековната операција „Канџа-Гром“, турските командоси упаднаа во пештера на надморска височина од 1.917 метри во подрачјето на Авашин, северен Ирак, соопштија извори од турското Министерство за одбрана.
„Терористите веднаш се предадоа откако увидоа дека нема каде да побегнат бидејќи командосите слетаа со хеликоптер пред нивното скривалиште“, додадоа од Министерството.
Според изворите, командосите извршиле темелно пребарување на пештерата во која имало поголем број простории и заплениле оружје и муниција, меѓу кои два противвоздушни митралези, седум пушки АК-47 и 12 други пушки, една М-16 и една снајперска пушка, два митралези ПКМ Бикси, два ракетни фрлачи и големи количини муниција.
Припадниците на терористичката организација ПКК се кријат во северен Ирак, веднаш преку јужната граница на Турција, каде планираат терористички напади на територијата на Турција.
Операциите насловени како „Канџа“ се серија офанзиви што ги спроведуваат турските сили од 2019 година против терористичките организации во северен Ирак, особено против ПКК.
Во терористичката кампања против Турција, што трае повеќе од 35 години, терористичката организација ПКК, која е на листата на терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија, одговорна е за смртта на најмалку 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени.