İlker Girit
10 Април 2017•Ажурирај: 11 Април 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Вчера е завршено гласањето на турската дијаспора на референдумот за уставните реформи, а Врховната изборна комисија на Република Турција (ЈСК) соопшти дека гласале повеќе од 1,2 милиони турски државјани што живеат во странство, јавува Anadolu Agency (AA).
Референдумот за уставна реформа и за воведување претседателски систем на управување во Турција ќе биде одржан на 16 април, а турската дијаспора во изминатите денови гласаше во 57 држави, на вкупно 120 гласачки места коишто се отворени во амбасадите и во дипломатско-конзуларните претставништва на земјата во целиот свет.
Речиси 70.000 турски државјани што живеат во странство, досега гласаа и на гласачките места на граничните премини и на аеродромите, а тие гласачки места ќе останат отворени сѐ до затворањето на гласачките места, на денот на референдумот во Турција.
Речиси 2,9 милиони турски државјани се регистрирани во странство и имаат право на глас. Ова е четвртиот изборен процес во кој директно учествува и турската дијаспора.
Минатиот викенд гласаа и турските државјани што живеат во земјите од регионот, вклучувајќи ги и Македонија, БиХ, Косово и Албанија.
Турската дијаспора за првпат имаше можност да гласа на изборите што во Турција се одржани во 2014 година. Тогаш одѕивот на гласачите беше скромни осум отсто, по што е забележан постојан тренд на раст на одѕивот.
Најмногу турски државјани, повеќе од 600.000 гласаа во изминатите денови на гласачките места во Германија, во која живее најголемата заедница на Турци, а во Франција гласаа 123.000 гласачи.
Во САД гласаа 35.000 Турци, односно 35 отсто регистрирани, што е рекорден одѕив на турската дијаспора во САД.
Турската дијаспора вчера гласаше и во Казахстан, Австралија, Саудиска Арабија, Грузија како и во голем број африкански земји.
Гласањето на турската дијаспора во Европа го одбележаа тензиите меѓу Турција и некои земји коишто забранија да се одржат предреферендумски собири.
Во спречувањето на поддржувачите на уставните реформи во Турција да одржат предреферендумски собири предничеа Холандија, Германија и Австрија, земји во коишто поголемиот дел од нивните политичари јавно го изразија ставот и ја поддржаа кампањата против уставните реформи во Турција.
Најголем инцидент се случи во Холандија, кога тамошните власти прво го откажаа гостопримството за шефот на турската дипломатија, Мавлут Чавушоглу, а потоа и турската министерка за социјална политика Фатма Бетул Каја ја депортираа во Германија и ја спречија во намерата да го посети турскиот конзулат во Ротердам.
Властите на европските земји што ги забранија собирите на поддржувачите на уставните реформи во Турција, сепак, дозволија да се одржат собири на турската опозиција што се противи на реформата.
Предложената уставна реформа во Турција предвидува јакнење на овластувањето на претседателот на државата, а укинување на функцијата премиер. Парламентот ќе го зголеми бројот на пратениците од 550 на 600, а кандидати на парламентарните избори ќе можат да бидат сите граѓани на Турција со навршени 18 години. Досега кандидати можеа да бидат лица со навршени 25 години.
Претседателот ќе може да ги задржи врските со политичката партија, а предвидено е и првите претседателски избори, во согласност со новиот устав, да се одржат во ноември 2019 година. Мандатот на претседателот ќе трае пет години и едно лице ќе може да ја извршува таа фукнција најмногу двапати.