наука и технологија

Турција: Беспилотното летало „федаи“ ќе ги неутрализира заканите од дронови

Системот за откривање и уништување дронови, развиен од ХЕВЕЛСАН и „Трансваро“, беше претставен на 3. Самит за воена радарска и гранична безбедност, организиран од МУСИАД во Анкара

06.10.2021 - Обновена : 07.10.2021
Турција: Беспилотното летало „федаи“ ќе ги неутрализира заканите од дронови Фото: Transvaro

АНКАРА (АА) - ЃОКСЕЛ ЈИЛДИРИМ -

Турските одбранбени компании развиваат беспилотни летала камикази кои ќе имаат задача да ги неутрализираат заканите од дронови, јавува Агенција Анадолија (АА).

Системот за откривање и уништување дронови, развиен од ХЕВЕЛСАН и „Трансваро“, беше претставен на 3. Самит за воена радарска и гранична безбедност, организиран од МУСИАД во Анкара.

Директорот за развој на одбранбената технологија на ХЕВЕЛСАН, Незих Шишман, за АА изјави дека дроновите и беспилотните летала од евтино производство претставуваат сѐ поголема безбедносна закана.

Тој изјави дека веќе постојат и се користат решенијата кои компаниите претходно ги развиле наспроти заканите на дронови, а дека турските компании работат на воспоставување систем ефикасен за одбрана на големите комплекси, вклучувајќи и голем број институции во Анкара и големи воени конвои.

За прототипот на комплексот за интеграција на новите одбранбени системи од тој вид е избрана рафинеријата „Алиага“.

ХЕВЕЛСАН веќе разви повеќе видови беспилотни летала и сега интегрира нови алгоритми, радари, електро-оптика, детектори и други сегменти за да креира комплетен систем на одбрана.

„Работиме на користење на различни сензори и јакнење на оклопот. На крајот ќе постигнеме резултати кои досега ги немавме во Турција. Се залагаме за развој на систем кој ќе користи софистицирана опрема, алгоритми и вештачка интелигенција за навремено откривање, анализирање и со адекватен проектил уништување на заканата, односно на непријателското беспилотно летало“, изјави Шишман.

На развојот на камиказа-дроновите „федаи“ работи и партнерската компанија „Трансваро“. Се работи за летало чиј проектил експлодира кога се приближува на непријателската цел, моментално има дејство во радиус од 40 метри и како таков може да ги уништува поединечните беспилотни летала или јатата дронови.

„Во наредните месец или два или најдоцна до средината на декември ќе ги развиеме сите капацитети на системот и ќе демонстрираме како камиказа „федаи“ уништува беспилотно летало во воздухот. По успешните тестови и одобренија ќе примаме порачки по желба на купувачите“, изјави Шишман, и додаде дека тој систем ќе дава можност од еден центар да се контролира поширокото подрачје.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.