Enes Kaplan
09 Април 2017•Ажурирај: 10 Април 2017
ИЗМИР (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција е демократска, и дека по 16. април и референдумот за уставни реформи ќе биде уште подемократска и постабилна бидејќи добива ефикасен претседателски систем, јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на кампањата за поддршка на уставните реформи на референдумот во Турција, во Измир денес се одржа собир на којшто свое обраќање имаше и турскиот претседател Ердоган.
„Можете да се трудите да објаснувате со аргументи и да се трудите да ги убедувате луѓето во својот став, но резултатот на референдумот ќе биде волјата на народот и тоа мора да се почитува. Ние ги почитуваме и оние кои ќе гласаат за и оние што ќе гласаат против реформите“, рече Ердоган.
Потсетувајќи дека од почетокот на расравата за уставни промени говорел дека голем број на проблеми со кои се соочувала Турција во последниве децении се доказ за неефикасноста и неадекватноста на нејзиниот политички систем во однос на предизвиците кои се пред државата и нацијата, Ердоган истакна дека проблемите во функционирањето на системот ќе се надминат со претстојната реформа за која е уверен дека ќе наиде на големо одобрување од народот.
„Во минатото секогаш имаше несогласувања меѓу претседателот и премиерот, а сега сакаме тоа да го прекинеме. Очекуваме на 16. април да букне референдумското 'да' за да продолжиме со градењето на силна, стабилна и суверена Турција“, рече Ердоган.
Ердоган во таа пригода нагласи дека Република Турција е европска земја, но дека Европа не гледа самата од себе, бидејќи низ тој континент се шири вирусот на радикализмот, расизмот и исламофобијата.
„Многу сме силни, секој ден сме сè посилни, а тоа ним им смета. Сите надежи ги насочија кон терористичките организации, преку нив да го запрат нашиот напредок. Ние сега водиме успешна борба и ќе продолжиме со тоа сè додека не ги победиме сите тие терористи и предавници. Ќе ја градиме својата земја, без оглед на тоа што во Европа им се пружа засолниште за терористите и на непријателите“, истакна Ердоган и додаде дека и Европа ќе одговара на народот за сè што прави.