Behlül Çetinkaya
07 Октомври 2021•Ажурирај: 08 Октомври 2021
АНКАРА
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денеска остро ги критикуваше „крајно погрешните“ и „популистички“ коментари на францускиот претседател Емануел Макрон за Турција и Алжир во врска со колонијализмот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференција во украинската престолнина Киев, по состанокот со неговиот украински колега, Чавушоглу во одговор на прашање од новинарите изјави дека е крајно погрешно во ваквите дебати да се вовлекува Турција, која нема црна дамка во својата историја, како што е колонијализмот.
Истакнувајќи дека Алжир веќе ја покажал „неопходната реакција“ по изјавите на Макрон, Чавушоглу потсети дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и францускиот претседател Макрон претходно се согласиле да „зборуваат директно“, а не преку медиумите.
„Во овој поглед, ние мислиме дека таквите изјави се погрешни“, додаде тој.
Нагласувајќи дека Франција влегла во „изборната атмосфера“ пред претседателските избори во 2022 година, тој рече: „Макрон го користи овој начин заради изборите.“
„Сепак, и во Франција и во други земји, видовме дека таквите евтини пристапи не помагаат ниту на изборите“, додаде тој.
„Затоа, наместо вакви популистички пристапи, подобро би било тој да преземе чекори за да ја добие довербата од сопствениот народ“, изјави Чавушоглу.
Тензиите меѓу Франција и Алжир ескалираа поради забелешките на Макрон за колонијалното минато на оваа северноафриканска земја.
Во обид да го прикрие своето грозоморно колонијално минато, Макрон тврди дека „имало колонизација пред француската колонијална власт“ во Алжир, алудирајќи на османлиското присуство во земјата помеѓу 1514 и 1830 година.
„Градењето на Алжир како нација е феномен што вреди да се гледа. Дали постоеше алжирска нација пред француската колонизација? Тоа е прашањето“, изјави денеска Макрон за време на состанокот со потомците на Алжирците во Елисејската палата кои се бореа на страната на Франција за време на Војната за независност на Алжир.