Jeyhun Aliyev,Rabia İclal Turan
07 Октомври 2021•Ажурирај: 07 Октомври 2021
АНКАРА
Во Турција досега се администрирани над 111,4 милиони дози од вакцините против коронавирусот откако во земјата започна процесот на имунизација, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Над 54,28 милиони луѓе ја имаат примено првата доза од вакцините против Ковид-19, додека околу 45,64 милиони се целосно вакцинирани“, соопшти турското Министерство за здравство.
Турција, исто така, има аплицирано и трета доза на повеќе од 10,63 милиони луѓе.
Министерството регистрира 30.438 нови случаи на коронавирусот, 236 смртни случаи и 31.413 оздравени во последното деноноќие.
Во истиот период направени се 358.064 тестирања за Ковид-19.
Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, на Твитер соопшти дека има три главни причини зошто бројот на случаи не се намалува.
„Социјалната мобилност е многу зголемена. Во јавниот простор и на отворено, на мерките не им се придава важност. Има премногу места каде што болеста се шири. Сè уште не сме постигнале колективен имунитет“, истакна тој.
Коџа потенцира дека граѓаните мора да ги почитуваат мерките и да се вакцинираат.
- Над половина од активните случаи се детектирани кај популацијата под 30 години
Во изјавата по состанокот на Научниот советодавен одбор за коронавирусот во земјата, одржан преку видеолинк, Коџа рече дека во моментов нема потреба турските граѓани кои примиле две дози од мРНА-вакцините да примат трета доза.
Тој нагласи дека од вчера, повеќе од половина од активните случаи во земјата се детектирани кај лица помлади од 30 години.
„Иако нашите млади се застапени со поголема стапка меѓу активните случаи, оваа ситуација не се одрази на хоспитализациите и приемите на одделите за интензивна нега“, рече тој.
„Сепак, нашите млади луѓе играат улога во пренесување на болеста кај своите семејства и постарите лица. Меѓу нашите граѓани кои починаа во последниот месец, највисоката стапка на смртност е кај лицата на возраст од 70 години и повеќе.“
Министерот Коџа додаде дека иако сегашните активни случаи главно се детектирани меѓу младите, „тоа не го напрега здравствениот систем. Но, сепак, висок број заразени луѓе не е прифатлив.“
Тој истакна дека не е можно олабавување на заштитните мерки без постигнување на колективен имунитет со вакцинацијата.
„Најбрзиот начин да се добие колективен имунитет со вакцинација е колку што е можно поскора вакцинација. Ве молиме примете ја вакцината навреме“, рече Коџа.
Од неговото појавување во декември 2019 година, коронавирусот однесе над 4,82 милиони животи во најмалку 192 земји и региони, додека над 236 милиони лица се заразија со вирусот, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.