ШАНЛИУРФА (АА) - АБДУЛА БЕРИША -
Археолошкиот локалитет Карахантепе, сместен во југоисточната турска област Шанлиурфа, ни нуди фасцинантна можност одблизу да ги разгледаме археолошките ископувања и пронајдените артефакти, вклучувајќи 3Д-скулптури и бројни кружни структури стари околу 12.000 години, пишува Агенција Анадолија (АА).
Република Турција три години ќе го спроведува Неолитскиот истражувачки проект во Шанлиурфа, кој е најголемиот и најсеопфатен археолошки проект во земјата.
Карахантепе е само еден од 12-те археолошки локалитети во географска област од 100 километри, со заедничко име „Таш Тепелер“ (Камени ридови), од кои најпознат е Гобеклитепе.
Посетувајќи го археолошкиот локалитет заедно со претставници на медиумите од целиот свет, вклучително и претставништвото на Агенција Анадолија во Скопје (AA), министерот за култура и туризам на Турција, Мехмет Нури Ерсој, истакна: „Гoбеклитепе не е единствен.“

Според министерот Ерсој, но и според научниците, наодите од ископувањата што ќе се изведат во рамките на проектот ќе ни откријат непознати приказни за придонесот на Анадолија во историјата на човештвото.
Како илустрација за огромното културно богатство, членката на Извршниот одбор на проектот за неолитскиот период, проф. д-р Гулриз Козбе, зборувајќи за работата што треба да се реализира за да се извршат ископувањата од неолитскиот период, изјави дека Шанлиурфа има околу 7 илјади културни богатства.
Раководителот на ископувањата во Карахантепе, проф. Неџми Карул, рече дека ископувањето за првпат започнало во 2019 година и оттогаш успешно се спроведени две многу продуктивни сезони.
Карул посочи дека за време на ископувањата била откриена структура со дијаметар од 23 метри и дека голем дел од неа бил изрезбан во камен, достигнувајќи длабочина од 5,5 метри од површината, што според него значи дека е изградена со напори на многу инженери.

Регионот на Шанлиурфа е местото каде што може да се најдат првите примери за организирана работа и специјализација во историјата на цивилизацијата. Во Карахантепе има повеќе од 250 мегалитски блокови во форма на буквата Т, слични на оние пронајдени на Гобеклитепе.
Се верува дека наодите од овие ископувања ќе дадат значаен и обемен придонес за познавањето на човештвото во праисторијата, вклучително и секојдневниот живот и ритуалите на тогашните жители.
Министерот Ерсој истакна дека Турција е подготвена да соработува со научници од целиот свет, нагласувајќи дека се планира соработка со 12 институции и организации, вклучително и турски универзитети, но и со осум универзитети од пет различни земји, како и со четири меѓународни академии, институти и музеи. На овој начин се создава широк меѓународен дострел што ги вклучува Јапонија, Русија, Германија, Обединетото Кралство и Франција.

- Конзервација на археолошките артефакти -
Најновите артефакти од ископувањата во Карахантепе се изложени во Археолошкиот музеј „Шанлиурфа“ во „Изложбата за неолитскиот човек - Карахантепе“, која беше отворена на 23 септември 2021 година за време на церемонијата за отворање на проектот „Таш Тепелер“, изложба чија цел е да им овозможи на посетителите одблизу да ги видат скулптурите и артефактите.
Проф. Карул раскажа како археолошките артефакти ги откриваат уметничките таленти на луѓето што живееле таму пред околу 11.000 години.
Тој истакна дека артефактите пронајдени во Карахантепе биле слични на оние откриени во локалитетот Гебеклитепе, но имало и одредени разлики.

Карул рече дека имало многу 3Д-скулптури и исклесани ликови на луѓе пронајдени во Карахантепе.
Еден од најдобрите примери на 3Д-скулптури пронајдени во Карахантепе е скулптура со човек кој држи леопард на грб. Скулптурите на животните се во напаѓачка положба, исти како оние пронајдени и во Гoбеклитепе.
Според раководителот на ископувањата, тешко е целосно да се разбере што значи овој вид скулптура, но може да се разбере дека односот помеѓу луѓето и животните пред околу 11.000 години бил различен од денешниот, и всушност, можеби станува збор за мирољубиви односи.
- Светски неолитски конгрес -
Проектот „Таш Тепелер“, презентиран од Министерството за култура и туризам на Република Турција и Турската агенција за промоција и развој на туризмот, има за цел да го открие просторот каде што се случила промената во човечката историја.
Периодот од пред 12.000 години се смета за почеток на трансформација на засолништата во домови и во овој период се појавија села, се формира стратификувано општество и се разви способноста за водење основна трговија.
Проектот нема да запре само на археолошките ископувања. Професорот на Одделот за археологија на Универзитетот во Истанбул, Мехмет Џелал Оздоган, го најави Светскиот неолитски конгрес во Шанлиурфа во 2023 година.
Конгресот ќе се одржи како дел од Неолитскиот истражувачки проект во Шанлиурфа. Се oчекува тој да содржи бројни научни сесии и да ги прикаже уникатните културни богатства на Шанлиурфа од неолитскиот период.