Турција

Порака од министерот Акар за операцијата „Канџа“ од надморска височина од 2.400 метри

Во областа Балкајалар, во базата на надморска височина од 2.400 метри, министерот Хулуси Акар беше пречекан од командирот на единицата, кој потоа поединечно ги поздрави војниците...

Sarp Özer  | 05.06.2019 - Обновена : 06.06.2019
Порака од министерот Акар за операцијата „Канџа“ од надморска височина од 2.400 метри

ХАКЌАРИ (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, Јашар Ѓулер, командантот на Копнените сили, Умит Дундар, командантот на Морнарицата, адмирал Аднан Озбал, и командантот на Воздухопловните сили, Хасан Кучукакјуз, вчера ја посетија базата „Бујуктопракли“, јавува Anadolu Agency (AA).

Во областа Балкајалар, во базата на надморска височина од 2.400 метри, министерот Хулуси Акар беше пречекан од командирот на единицата, кој потоа поединечно ги поздрави војниците кои се наоѓаа на своите позиции.

Честитајќи им го празникот Бајрам на војниците, Акар беше брифиран за активностите во базата.

Тој во изјавата за медиумите рече дека Турските вооружени сили својата задача во однос на зачувување на суверенитетот, независноста и безбедноста на нацијата ја исполнуваат на најдобар начин.

Истакнувајќи дека војниците својата должност ја исполнуваат со голема посветеност, министерот Акар нагласи: „Војниците, без да им трепне окото, со упорност и решителност ги извршуваат своите задачи во согласност со сфаќањето 'Ако умрам ќе бидам шехид, ако останам жив ќе бидам ветеран'.“

Акар нагласи дека војниците ја добиваат инспирацијата од љубовта на народот, довербата и нивните молитви.

„Ние многу ја цениме довербата на народот што ја има кон Вооружените сили. Ние ќе продолжиме да работиме за да бидеме достојни на таа доверба. Операцијата „Канџа“ продолжува. Нема да ја напуштиме областа сè додека не биде неутрализиран и последниот терорист. Тоа место ќе го исчистиме од терористи.“

- „Нашата благородна нација ќе ја спасиме од тероризмот“ -

Турскиот министер за одбрана освен на операцијата „Канџа“, се осврна и на другите тековни активности на Турските вооружени сили. 

„Од една страна, нашите активности во подрачјето на операцијата „Штитот на Еуфрат“ продолжуваат непрекинато, од друга страна ги извршуваме и активностите во подрачјето на операцијата „Маслинова гранка“. Продолжуваме да ги штитиме угнетените и невините лица во Идлиб. Правиме сè што е во наши раце за да обезбедиме прекин на огнот и стабилност. Со Русија ги продолжуваме неопходните контакти. Покрај тоа, во нашите мориња, во воздушниот простор, целосно и без прекин правиме сè што е потребно за заштита на правата на нашиот народ. Како Вооружени сили, своите задачи ги исполнуваме без прекин на најдобар начин во согласност со Уставот, законите и инструкциите на нашиот претседател. И ќе продолжиме да ги исполнуваме. Се надевам дека нашата благородна нација ќе ја спасиме од тероризмот“, нагласи министерот Акар. 

Акар во обраќањето ги спомена и планините „Икијака“, кои се наоѓаат спроти базата „Бујуктопракли“, кои терористите ги опишуваа како места каде што Турските вооружени сили не можат да влезат.

„Местото каде што се наоѓаме и планините Икијака, што се наоѓаат зад нас, беа места што терористите ги опишуваа како места каде што Турските вооружени сили не можат да влезат и да излезат. Благодарам на Господ, Турските вооружени сили влегоа во тие места. Моментално областа се наоѓа под контролата на Турските вооружени сили.

Операцијата „Канџа“ е продолжение на ова и таму (се мисли на местата каде што се води операцијата „Канџа“, Хакурк, северен Ирак) ќе ги уништиме терористичките пештери. Операцијата таму ќе продолжи сè додека не биде неутрализиран и последниот терорист“. 

Акар во рамките на посетата на областа разговараше и со војниците кои се наоѓаа на своите позиции. Честитајќи им го празникот Бајрам, телефонски разговараше и со нивните семејства. 


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.