АНКАРА
Чекорите што беа направени во земјоделството во Турција под лидерство на поранешниот премиер Аднан Мендерес, во оваа земја предизвикаа вистинска револуција во овој сектор. Турските земјоделци и селани доживеаја голема трансформација откако благодарение на зголемениот број трактори во земјата беа зголемени и посеаните површини и беше забележан раст на приносот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Врз основа на податоците објавени од периодот на Демократската партија (ДП) во Турција, новинарот на АА ги анализираше информациите доаѓајќи до заклучок дека се напрвени значајни последователни чекори на полето на земјоделството во периодот на Владата од покојниот премиер на Турција, Аднан Мендерес.

Медерес, син на земјоделец од Ајдин, роден на имотот во Чакирбејли, беше човек близок со земјоделството и земјата.
Од доаѓањето на Мендерес на власт, неговиот план за политиката што ќе се следува на полето на земјоделството ја даде преку пораката „80 % од популацијата на Турција живее на село. Земјата бара добро семе, ѓубриво, машини и наводнување. Нашите селани не можат да го направат тоа самостојно, потребно е како држава да им подадеме рака“.
Администрацијата на ДП во периодот на своето 10-годишно владеење се разликуваше од останатите турски влади по зголемувањето на делот наменет за Министерството за земјоделие од буџетот на земјата, по исклучувањето на земјоделскиот сектор од даночните обврски, доделувањето милиони декари земја на селското население во рамките на Законот за доделување земјиште на земјоделците и по отворањето земјоделски факултети, давајќи им значење на образовните активности во полето на земјоделството.
- Зголемен бројот на трактори
Во овој период кога земјоделството излегува во преден план, постои сериозно зголемување на бројот на трактори, тракторски плугови и други алатки и машини. Тоа е период во кој се премина од примитивни плугови кон механизирано земјоделство. Фондовите што ги обезбеди планот „Маршал“ беа пренасочени на ова поле.
Помошта „Маршал“ ја забрза механизацијата, особено во полето на земјоделството. Бројот на трактори, што во периодот 1949 - 1956 година во Турција изнесуваше 6.281, се зголеми на 48.873 (7,8 пати), бројот на тракторски плугови од 6.050 се зголеми на 48.214 (речиси 8 пати), додека бројот на другите земјоделски алатки и машини од 9.239 се зголеми на 67.261 (7,3 пати).
Механизацијата од темел ја смени структурата на земјоделството. Бројот на комбајни во периодот 1948 - 1962 година од 1.994 се зголеми на 6.072.
Во тој период на селаните им беа доделувани поволни кредити за купување трактор. Селаните почнаа да имаат поголема корист од земјоделските кредити во однос на претходните периоди. Додека во 1950 година вкупната вредност на земјоделските кредити изнесуваше 810 милиони лири, во 1960 година таа бројка достигна 4 милијарди и 755 милиони лири.
Покрај со кредити, земјоделството беше охрабрено и со воведување основни цени и поддршка за набавка.
- Зголемување на посеаните површини
Влегувањето на тракторот во земјоделството, покрај зголемување на продуктивноста во овој сектор, овозожи и проширување на посеаните површини.
Додека во 1948 година големината на култивираните површини изнесуваше 13.900.000 хектари, во 1959 година оваа површина беше зголемена на 22.940.000 хектари. На тој начин се зголеми и земјоделското производство на Турција, кое овозможи оваа земја да стане извозник на жито. Во овој период зголемен е и бројот на површини засадени со житарки, мешункасти плодови, памук и индустриски растенија и зголемен е и бројот на производствени погони.
Во периодот на Владата на ДП, на 322.061 семејство во 4.085 села им беа доделени над 16.000 декари земја. Покрај тоа, на овие семејства им беа распределени приближно 12 милиони декари пасишта.
Политиката на механизација и кредити во голема мерка го елиминираше феудалниот имот во земјоделскиот сектор. На тоа поле, од 2,1 милиони сопственици што во 1950 година работеле на сопствено земјиште, во 1963 година таа бројка е зголемена на 3,1 милиони.
Придонесот на земјоделството во националниот приход на Турција во периодот 1947-48 година изнесуваше 42 %, додека во периодот 1952-52 тој се искачи на 45,2 %.
Освен тоа, во периодот 1950-1960 изградени се патишта до најмалите села, а во исто време илјадници села добија вода за пиење. Заедно со механизацијата во земјоделството, изградени се 40.000 километри патишта, 30.000 селски патишта, зголемен е бројот на рурални региони кои се поврзани со градовите, а во исто време, овозможена е и интеграција на земјоделскиот сектор со пазарната економија.
- Првото производство на ѓубриво започна во ЃУБРЕТАШ
Во овој период, увозот на ѓубрива и недоволното количество на производство за да ги задоволи побарувањата на земјоделците беше пречка за поширока употреба на ѓубривата. Во тие рамки, во тој период на дневен ред беше ставена програмата за изградба на истражувачки центри за ѓубриво и фабрики за производство на ѓубриво.
Во периодот кога Мендерес беше премиер на Турција, на 6 ноември 1952 година, на Советот на министри е донесена одлука за изградба на фабрика за производство на ѓубрива со цел зголемување на продуктивноста во земјоделството, Турската фабрика за ѓубрива (ЃУБРЕТАШ), која официјално започна со работа во 1953 година.
Оваа фабрика, која беше првата компанија за производство на ѓубрива во оваа земја, своето производство го започна во објектот изграден во турскиот град Искендерун. Во првата фабрика со капацитет од 100.000 тони ЃУБРЕТАШ започна да го произведува ѓубривото NSP (нормален супер фосфат) и од таа година овој производ им беше презентиран на земјоделците од Анадолија.
Земјоделците кои со години наназад имаа големи потешкотии обработувајќи земјште без ѓубриво, во периодот на Мендерес се здобија со земјоделска опрема и хемиско ѓубриво, и експоненцијално го зголемија приносот од земјата што ја обработуваа.
Компанијата ЃУБРЕТАШ во 1961 година во Коџаели-Јаримџа ја изгради втората фабрика за производство на национално ѓубриво и благодарение на инвестициите во другите објекти се одржа до денес.
ЃУБРЕТАШ со 25 % на берзата и 75 % под контрола на земјоделските кредитни задруги, составена од најголемото семејство на земјоделци во Турција, продолжува да се гордее со својата посебност дека е „100-процентна народна компанија“.