Hatice Şenses Kurukız
27 Мај 2020•Ажурирај: 28 Мај 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека Турција пред точно 60 години, на 27 мај, беше изложена на државен удар, кој е еден од најцрните денови во неговата историја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган во своето обраќање на свеченото отворање на Островот на демократијата и слободите изјави дека во театарските судови во Јасиада не беа осудени само Мендерес и неговите помошници, туку и турската историја, култура, вредности и верувања.
Наведувајќи дека тоа што се случи по пучот организиран од хунтата во рамките на Турските вооружени сили не е срам само за демократијата, туку е срам и во името на правдата и хуманоста, Ердоган рече: „Во Јасиада или со други зборови на ‘Ожалосниот‘ остров, каде што се наоѓаме моментално, судската постапка која е спроведена под претходни наредби на сторителите заврши со голема катастрофа.“
Ердоган посочи дека водачите на Демократската партија, кои долги години ѝ служеа на земјата и беа претставници на националната волја, во текот на судската постапка беа подложени на секакви навреди, тортури и клевети.
„Всушност, тоа овде не беше судење, туку убиство на правдата. Во Јасиада со месеци во вистинска смисла на зборот проработи една машина за вршење злосторства. Претседателот на земјата, премиерот, министрите, командантите, пратениците, бирократите беа подложени на омраза и нехуман третман, иако немаа извршени конкретни кривични дела“, нагласи турскиот претседател.
- „Сите тројца херои со достоинство, гордост, верба отидоа до местото на бесилка“-
Ердоган во својот говор наведе дека одлуката за смртна казна за премиерот на Владата на Демократската партија, Аднан Мендерес, министрите Хасан Полаткан и Фатин Рушту Зорлу, исто така се донесени на овој остров.
„Сите тројца херои со достоинство, гордост, верба отидоа до местото на бесилката. Овие егзекуции, што се случија приближно 16 месеци по пучот, на 16 и 17 септември 1961 година, паднаа како оган во срцата на нашиот народ. Во театарските судови на Јасиада не беа осудени само Мендерес и неговите помошници, туку и турската историја, култура, вредности и верувања. Никогаш нема да се избрише црната дамка на челото на оние лица и нивните поддржувачи што го одведоа Мендерес и неговите пријатели на бесилка. Од друга страна, местото на Мендерес и неговите пријатели во срцата на нашата нација ќе продолжи да расте и секоја наредна година ќе биде посилна“, рече Ердоган.
Тој истакна дека 60 години подоцна започнува еден нов период на островот.
„Нашиот народ Јасиада го смени како ‘Ожалосен остров‘. За да ја олесниме агонијата на тлото каде што се наоѓаме сега, решивме Јасиада да го закопаме во гроб и да го претвориме во остров на демократијата и слободите. Секој субјект на островот ќе си има име според значењето во историјата. Името на офицерскиот дом, кој ќе биде музеј, ќе го носи името на премиерот Аднан Мендерес. Исто така и конференциската сала ќе го носи името на Мендерес. Плоштадот на островот ќе се вика Рушту Ердехун, началникот на Генералштабот кој беше суден тука. Библиотеката ќе се вика Садик Алтинџан, адмиралот кој исто така е суден тука. Спортскиот салон каде што се одвивал судската постапка ќе се вика Хасан Полаткан, министерот од тој период, додека џамијата ќе го носи името на министерот Фатин Рушту Зорлу“, нагласи Ердоган.
Инаку, Јасиада, еден од Oстровите на принцовите, сместен во Mраморното Море југоисточно од Истанбул, е познат по затворите и судските процеси од воениот удар од 1960 година. Тој е преименуван во Остров на демократијата и слободите во 2013 година.
Островот е местото каде што првиот демократски избран турски премиер Мендерес, заедно со водечките членови на Демократската партија беа уапсени по пучот на 27 мај 1960 година, а подоцна беа затворени и судени.
По пристрасното и незаконско судење на островот, претседателот Џелал Бајар, премиерот Мендерес, министерот за надворешни работи, Фатин Рушту Зорлу, и министерот за финансии, Хасан Полаткан, беа осудени на смртна казна. Подоцна Бајар доби ублажување на казната.