Barış Gündoğan
16 Март 2018•Ажурирај: 16 Март 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес порача дека одлуката на ЕП за операцијата „Маслинова гранка“ нема никаква вредност, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние сме домаќини на 3,5 милиони Сиријци веќе седум години. Да ги отворевме границите, вие би барале место да се сокриете. Нè молевте да не ги отвораме границите. Ние постапивме хумано, но вие за хуманоста не знаете ништо. Сега донесувајте какви што сакате одлуки. Од едно уво влегува, од друго излегува. И онака одлуките што ги носите вие, не вредат ништо“, порача Ердоган.
По одлуката на ЕП која се однесува на операцијата „Маслинова гранка“, се огласи и Министерството за надворешни работи на Република Турција, во чие соопштение е истакнато дека оваа одлука за Турција е неприфатлива.
„Не можеме да ја прифатиме оваа одлука на ЕП кој е познат по својата толеранција кон терористичките организации. Турција, како што правеше и во минатото, одлучно ќе ја продолжи борбата против секој вид тероризам“, е порачано во соопштението на турското МНР.
Наведено е дека повикот на ЕП упатен до Турција во одлуката под назив „Ситуацијата во Сирија“, е уште еден показател колку овој парламент е далеку од реалноста.
Со одлуката за операцијата „Маслинова гранка“, ЕП уште еднаш покажа едностран став, кој е далеку од објективен.
Министерството за надворешни работи на Турција потсети дека операцијата „Маслинова гранка“, започнала во согласност со правото за легитимна одбрана според член 51 од повелбата на ОН и одлуките за борба против тероризмот на Советот за безбедност на ОН.
„На мета на оваа операција се терористичките елементи на ПКК/КЏК/ПЈД-ЈПГ што се наоѓаат во Африн, но исто така, и припадниците на терористичката организација ДЕАШ што се дојдени во овој регион од другите делови на Сирија. ПКК се наоѓа на листата терористички организации во ЕУ. Според тоа, операцијата не само што има цел да ја штити националната безбедност на Турција, туку ја штити и безбедноста на Европа“, се истакнува во соопштението.
Нагласено е дека турските сили посветуваат максимално внимание во текот на операцијата да не дојде до страдање на сириските цивили, и се додава:
„Во рамки на тоа, Турција ги повика ЕП и земјите членки на ЕУ да вложат напори и да преземат одговорност за прекин на судирите во Сирија, кои траат веќе седум години, и во вистинска смисла го дава својот придонес во тој план“.
Европскиот парламент вчера усвои одлука со која се изразува загриженост поради зголемената напнатост во регионот Африн и се повикува Турција да ја запре операцијата „Маслинова гранка“.