Kenan Irtak
22 Февруари 2022•Ажурирај: 28 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ
Патниците што од Украина пристигнуваат на аеродромот во Истанбул ја пренесоа најновата ситуација во земјата во време на руско-украинската криза, јавува Агенција Анадолија (АА).
Патниците што пристигнаа на терминалот за меѓународни патници на аеродромот во Истанбул со авион на „Украина ерлајнс“ за медиумите раскажаа за најновата ситуација во земјата по одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да испрати мировници во регионот по признавањето на независноста на т.н. Народна Република Доњецк и Народна Република Луганск.
- „Ги повлекуваат парите од банките“
Ана Г., една од патничките која од безбедносни причини не сакаше да го открие своето презиме, рече дека владее страв во главниот град Киев, каде што живее.
Наведувајќи дека состојбата во земјата од ден на ден се влошува, Ана Г., рече:
„По 14 февруари, главниот град Киев почна да се празни. Луѓето што живеат во Киев очекуваат да се случат лоши работи. Затоа се преселуваат во други градови како Лавов, и кон западните делови на Украина. Сите озборувања и она што се случи влијаат на расположението на луѓето. Луѓето се обидуваат да ги продадат автомобилите, становите, за да имаат кеш пари. Ги вадат парите од банките. Затоа што се плашат дека банките ќе го ограничат повлекувањето. Оние што имаат сопствен автомобил не се плашат толку затоа што ако се случи нешто може да си заминат. Оние што немаат автомобил одат кај своите роднини. Ако нешто се случи, тие заедно со своите роднини ќе се обидат да излезат од Киев.“

Наведувајќи дека работи во телекомуникациска компанија, Ана Г. рече дека нејзиното патување било планирано претходно и дека дошла во Истанбул откако нејзината компанија им дала можност да работат од далечина.
Ана Г. исто така додаде дека нема никакви планови за понатаму.
- „Ситуацијата се влошува“
Маргарита Пивен рече дека дошла во Истанбул за бизнис.
Наведувајќи дека ситуацијата во Киев засега е мирна, Пивен рече: „Ситуацијата се влошува. Се молиме. Ќе се вратиме за неколку дена. Ќе го поддржиме нашиот народ. Не сакаме војна и не очекуваме да се случи тоа. Малку се претерува за ситуацијата.“