Zehra Nur Düz,Dilan Pamuk
11 Август 2021•Ажурирај: 12 Август 2021
АНКАРА
Околу 274 шумски пожари во Турција се ставени под контрола, додека еден продолжува да е активен во провинцијата Мугла, изјави министерот за земјоделство и шумарство на земјата, Бекир Пакдемирли, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференцијата пред координативниот состанок за гаснење на пожарите во градот Мармарис, Пакдемирли рече дека Турција се бори со огромни пожари веќе 14 дена.
Пакдемирли информира дека во земјата се регистрирани вкупно 275 пожари во 53 области на Турција поради топли, ветровити и суви временски услови.
Тој во две одделни објави на Твитер синоќа рече дека пожарите во областите Милас и Бодрум во областа Мугла се локализирани и напорите за ладење се во тек.
Истакна дека напорите за гаснење на друг пожар во Мугла продолжуваат на копно, заедно со воздушните операции.
- Пожари во Грција
Истакнувајќи ги претходно најавените планови за испраќање два авиони во Грција по нејзиното барање за дополнителни противпожарни авиони, Пакдемирли рече: „Кога имаме вишок капацитет, не треба да избегнуваме да го испраќаме кај нашите соседи.“
„Шумите не се само наши, туку припаѓаат на целиот свет“, продолжи тој. „Флората и дивиот свет тука припаѓаат на целиот свет.“
За тековните пожари во Грција, Пакдемирли рече: „Големината на пожарите достигна многу критични димензии, имајќи ја предвид големината на земјата и нејзините шумски површини.“
Тој додаде дека пламенот претставува сериозна закана за станбените области.
Грција се бори со пожарите веќе осум дена, а досега се евакуирани илјадници луѓе.