Ayşe Böcüoğlu Bodur
30 Октомври 2022•Ажурирај: 31 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Министерот за сообраќај и инфраструктура на Туркије, Адил Караисмаиоглу, изјави дека Аеродромот Истанбул за кратко време станал еден од најважните светски центри во областа на воздушниот сообраќај, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Вкупно 1.109.386 авиони слетаа на Аеродромот Истанбул за четири години, а аеродромот го користеле над 160 милиони и 268 илјади патници“, истакна Караисмаиоглу во соопштението по повод годишнината од отворањето на Аеродромот Истанбул, кој официјално започна со работа на 29 октомври 2018 година.
Тој нагласи дека Аеродромот Истанбул за кратко време ги надминал своите конкуренти во светот по бројот на патници и летови.
„Аеродромот Истанбул го зазеде местото меѓу најважните трансфер-центри во светот и стана најфреквентниот аеродром во Европа. Според податоците на Меѓународниот европски совет за аеродроми, Аеродромот Истанбул во третиот квартал од годинава го зазеде првото место меѓу европските аеродроми со 19.957.147 патници, оставајќи ги зад себе аеродромите во Лондон, Париз и Амстердам“, истакна Караисмаиоглу.
Аеродромот Истанбул беше свечено отворен во октомври 2018 година и е еден од најголемите и најважните аеродроми во светот.