Sefa Mutlu
29 Октомври 2022•Ажурирај: 31 Октомври 2022
БУРСА (АА) - Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, изрази надеж дека првиот турски електричен автомобил ТОГГ ќе биде на патиштата во многу земји во светот како престижен турски бренд, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган денеска во Гемлик, во турската област Бурса, присуствуваше на свечената церемонија на отворање на комплексот за сериско производство на турскиот електричен автомобил ТОГГ, што е еден од најважните визионерски државни мегапроекти.
Свечената церемонија се одржа на националниот празник Денот на Републиката, кој Туркије го одбележува на 29 октомври.
Турскиот претседател го спушти од производната лента првиот турски електричен автомобил ТОГГ, а потоа им се обрати на присутните.
Како што рече во своето обраќање, со отворањето на фабриката за електрични автомобили Туркије сведочи на исполнувањето на својот 60-годишен сон.
„ТОГГ е името на проектот што нé мотивира сите нас да уживаме во овој заеднички сон за силна иднина на нашата држава“, рече Ердоган, истакнувајќи дека верува дека турскиот автомобил наскоро ќе се најде и на патиштата во другите земји.
„Се надевам дека ТОГГ ќе вози низ патиштата во многу земји низ светот како престижен турски бренд“, рече турскиот претседател и додаде:
„Првиот турски електричен автомобил ТОГГ ќе биде на патиштата во првиот квартал од 2023 година“, соопшти Ердоган.
- Турскиот сон за домашен автомобил -
Со иницијатива на претседателот Ердоган повторно заживеа турскиот сон за домашен, национален автомобил, а за кратко време заврши и потрагата по инвеститори под раководство на Унијата на комори и берзи на Туркије (ТОББ).
Домашното производство на автомобили ќе се спроведува со координација на Министерството за индустрија и технологија на Туркије и ТОББ, а Протоколот за соработка за заедничко инвестирање во автомобилскиот проект беше потпишан на 2 ноември 2017 година од групацијата Анадолу, БМЏ, холдингот Кирача, групацијата Турксел, и холдингот Зорлу.
На крајот на 2019 година беше одредена локацијата каде што ќе се гради фабриката, а со присуство на претседателот Ердоган беа претставени карактеристиките и прототипите на двата модели на турскиот електричен автомобил, Ц-СУВ и Ц-Седан.
Изградбата на фабричкиот комплекс за производство на електрични автомобили во Гемлик, во Бурса, официјално започна во јули 2020 година на површина од 1,2 милиони метри квадратни.
Новото лого на ТОГГ беше претставено на 18 декември 2021 година. Двете стрелки во дизајн на логотип, кои се спојуваат во скапоцен камен во средината, го симболизираат спојувањето на источните и западните култури и истакнуваат дека ТОГГ е технолошка компанија која ги спојува технологијата и луѓето на крстосницата денес и утре.
Тестирањето на турскиот автомобил ТОГГ беше спроведено на лиценцирани писти во Туркије, Шведска и Аргентина, а успехот во таа фаза го отвори патот за свеченото отворање на фабричкиот комплекс за сериско производство на електричниот автомобил кој се издвојува по својот богат дизајн и по технолошките карактеристики.
- Напредни системи -
Опремен со долготрајна батерија, која ја обезбедуваат напредни системи за управување со батерии и системи на активно управување со топлина, автомобилот може да забрза од 0-100 км/час за помалку од 7,6 секунди со 200 коњски сили и 4,8 секунди со 400 коњски сили.
Со батерија интегрирана во платформата, компатибилна со нивото Евро НКАП со пет ѕвезди, ќе има висока отпорност на удар и 30 проценти поголема отпорност на торзија.
По завршувањето на хомологациските тестови, првиот СУВ во сегментот C ќе биде лансиран на пазарот на крајот на првиот квартал од 2023 година. Потоа седан и хечбек моделите во Ц-сегментот ќе влезат во производствена линија. Во наредните години, со додавање на Б-СУВ и Ц-МПВ, ќе биде комплетиран асортиманот на ТОГГ кој се состои од пет модели.
Кога комплексот ќе достигне капацитет на годишно производство од 175.000 возила, ќе вработи 4.300 луѓе. ТОГГ планира до 2030 година да произведе еден милион возила.