Gökhan Ergöçün
01 Декември 2018•Ажурирај: 02 Декември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на одборот на директори на „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines), Илкер Ајџи, изјави дека новиот аеродром „Истанбул“ ќе стане голем светски центар и локомотива за турскиот авијациски сектор.
„Турција ќе стане еден од важните центри на комерцијалниот авијациски сектор во светот“, изјави Ајџи во интервју за Anadolu Agency (AA).
Првата фаза од аеродромот беше отворена на 29 октомври, а комерцијалните летови започнаа на почетокот од ноември.
Аеродромот има потенцијал за 90 милиони патници годишно и по втората фаза на конструкција, која се очекува да биде завршена во 2023 година, оваа бројка ќе се зголеми на 200 милиони.
„Аеродромот во првата фаза има 60 авионски линии, а во втората се очекува да има 150“, изјави Ајџи, и додаде:
„Турција, која се наоѓа на 17. место во светот во однос на бројот на патници, до 2032 година ќе биде на 9. место.“
Тој рече дека со придонесот на новиот аеродром, се очекува флотата на авиони што ги поседува земјата да достигне 700.
„Авионската компанија во текот на минатиот месец преку аеродромот „Истанбул“ превезе 36.000 патници преку три домашни и два меѓународни лета“, нагласи тој.
Тој изјави дека „Туркиш ерлајнс“ наскоро ќе започне да работи на сите летови преку аеродромот „Истанбул“.
„Аеродромот не само што ќе придонесе за транспортот на патниците, туку, исто така ќе го направи Истанбул најголем карго центар во светот“, рече Ајџи.
„Аеродромот има капацитет од 2,5 милиони тони карго годишно и кога ќе бидат завршени сите фази, ќе достигне капацитет од 5,5 милиони тони“, додаде тој.
Ајџи изјави дека објектот ќе додаде 73 милијарди лири (речиси 14 милијарди долари) - 4,9 отсто од БДП за турската економија.
Аеродромот во моментот вработува 36.000 лица, 120.000 лица ќе работат во тековните месеци и 225.000 лица ќе бидат вработени кога ќе бидат завршени сите фази. Тоа индиректно ќе обезбеди вработување на 1,5 милион лица.
Аеродромот ќе има летови до 350 дестинации низ целиот свет, вклучувајќи ја и Африка.
„Туркиш ерлајнс“ ќе обезбеди дополнителни услуги за своите патници, како што се бизнис-класа и ексклузивни услуги.
„Авиокомпанијата ќе ја направи својата подружница „Туркиш карго“ (Turkish Cargo) една од петте најдобри карго компании во светот“, рече тој.
„Туркиш ерлајнс“, основана во 1933 година, лета во над 300 дестинации во повеќе од 120 земји, со речиси 330 авиони.
Минатата година, авиокомпанијата превезе 68,6 милиони патници со 79,1 отсто окупираност на седиштата.