Meltem Bulur
07 Април 2017•Ажурирај: 08 Април 2017
АНКАРА (АА) - Акцијата на САД врз воздухопловната база на силите на Башар ал-Асад е крајно позитивна, се вели во соопштението од Министерството за надворешни работи на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турција ќе ја даде својата полна поддршка на секој чекор врз основа на кој сличните злосторства нема да останат неказнети и благодарение на кој сигурно ќе биде платена цената“, се наведува во соопштението на турското министерство.
Исто така, се нагласува дека нападот на САД врз воздухопловната база, кој е поврзан со последниот напад со хемиско оружје во Идлиб, е „исклучително позитивен“.
Американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, потврди дека ракетираната воена база на силите на Асад е поврзана со последниот хемиски напад во Идлиб. Тој нагласи дека е неприфатливо она што Асад му го прави на сопствениот народ.
Според соопштението на Пентагон, воздухопловната база Шајрат е погодена со 59 проектили „томахавк“, утринава околу 5.00 часот по локално време. Проектилите се лансирани од американските бродови со дострел до погодената база. Пентагон наведе дека им е познато оти во базата има и руски војници и дека Русија во текот на денот била известувана за нападот.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, по ракетирањето на базата на Асад повика на поддршка на тој воен чекор.