Hanife Sevinç
07 Април 2017•Ажурирај: 07 Април 2017
АНКАРА (АА) - Откако армијата на Соединетите Американски Држави (САД) истрела проектил врз воздухопловната база на силите на Башар ал-Асад во Сирија, заменик-премиерот на Турција, Нуман Kуртулмуш изјави дека овој потег претставува значаен чекор против варварството што локалниот режим го спроведува врз сопствениот народ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Сепак, меѓународната заедница мора да задржи јасен став против варварскиот режим предводен од Асад, сѐ до точка каде што тоа веќе нема да биде во можност да им нанесува штета на луѓето. Затоа, позитивно го оценуваме овој потег и сметаме дека задолжително е да се казни Асад на меѓународно ниво", порача Kуртулмуш.
Kуртулмуш додаде дека варварството на Башар ал-Асад мора веднаш да се прекине.
„Се надевам дека оваа операција ќе придонесе да се воспостави мир во Сирија. На сите луѓе во Сирија кои страдаат им е потребен траен и издржлив мир, тоа е најважниот услов“, рече Kуртулмуш.
Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјави дека американските сили ја бомбардираа воената база на силите на режимот на Башар ал-Асад во Сирија, откако во Идлиб, со хемиско оружје беа нападнати цивили.
Тилерсон изјави дека е бомбардирана воената база на силите на Асад поврзани со неодамнешниот напад со хемиско оружје во Идлиб. Тој нагласи дека е неприфатливо тоа што Асад му го прави на својот народ.
Според соопштението на Пентагон, воздухопловната база Шајрат беше нападната со 59 проектили, утрото околу 5.00 часот по локално време.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, по ракетирањето на базата на Асад повика на поддршка на воените чекори.