Handan Kazancı
06 Април 2017•Ажурирај: 07 Април 2017
ЕРЗУРУМ (АА) - Слика, за која се верува дека е дело на Пабло Пикасо, еден од најпознатите уметници на 20. век, е запленета во областа Ерзурум, во источниот дел на Турција, соопштија безбедносните сили на таа земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Жандармериската команда во Ерзурум соопшти дека сликата во овој град пристигнала од источната турска област Ван и дека криумчарите се обиделе да ја продадат за пет милиони американски долари.
Припадниците на жандармеријата запреа возило во подрачјето Хорасан и уапсија три осомничени лица.
Освен делото на Пикасо, кое наводно е земено од Ирачкиот државен музеј, во акцијата се запленети три хиероглифски писма од старите Египќани.
Првичната истрага утврди дека портретот на млад насмеан маж е потпишан од Пикасо, во 1939 година. На задната страна од сликата се наоѓаат информации и печати кои потврдуваат дека сликата припаѓа на шпанскиот уметник.
Турските власти ќе ја утврдат автентичноста на сликата по заедничката истрага со претставниците на главниот Музеј во Ерзурум и со одделот за историја на уметноста на Универзитетот „Ататурк“.