Halil İbrahim Sincar,Şahin Seçen
12 Декември 2021•Ажурирај: 13 Декември 2021
МАРДИН (АА) - Жителите на пограничното место во турската област Мардин се пресреќни поради изворот на нафта откриен во регионот пред неколку дена, пишува Агенција Анадолија (АА).
„Ново откритие на турско-сириската граница. Со истражување во полето Гунјурду-1, што се наоѓа на 32 километри источно од Нусејбин во областа Мардин, откривме наоѓалиште на тешка нафта од 11,8 АПИ-степени“, соопшти пред два дена Турската национална нафтена компанија (ТПАО).
По 35 дена дупчења, изворот на нафта е откриен на длабочина од 1.310 метри, а на тоа место веќе се започнати подготовките за експлоатација на тој енергенс.
Мехмет Латиф Јенигун, претседател на месната заедница Икизтепе, за АА изјави дека истражувањето на нафтените ресурси траело со години и дека во последните денови тоа значително било забрзано.
„Среќни сме со резултатите. Ги прашав за што дупчат и ми рекоа дека тука има многу нафта. Среќни сме што од изворот протече нафта. Тоа е придобивка и за државата и за нас. Сакаме да продолжиме со испитувањето и можеби да отвориме и нови бунари“, рече Јенигун.
Еден од помладите жители на селото, Хаки Јенигун, инаку студент на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Артуклу“ во Мардин, рече дека го израдувала веста за пронаоѓањето на нафтата што ја слушнал кога за викендот пристигнал во посета на родителите.
„Се надеваме дека тоа ќе им помогне на мештаните и ќе обезбеди работни места за младите. Веќе десет години тука доаѓаа истражувачи и се знаеше дека има нафта и дека ова е плодна и богата земја. Имаме богата земја и се надеваме дека ова ќе биде корисно за нашата држава и народ“, рече Јенигун.
И соселанецот Мехмет Четин истакна дека се израдувале кога ја слушнале веста што ја објави Турската национална нафтена компанија (ТПАО).
„Се надеваме дека ова ќе донесе корист за државата и народот. Цените на нафтата растат и се надеваме дека ова откритие ќе ги намали цените“, изјави Четин.