Halil Demir
26 Октомври 2021•Ажурирај: 27 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турската полиција приведе 10 лица поради сомнение дека се припадници на терористичка организација ФЕТО, која стои зад обидот за пуч во Турција во јули 2016 година, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во рамките на истрагата, која ја води Канцеларијата за борба против тероризмот и организираниот криминал при Главното државно обвинителство во Истанбул, издаден е налог за приведување на 11 лица поради поврзаност со терористичката организација ФЕТО.
Станува збор за адвокати за кои постои основано сомнение дека се членови на терористичката организација ФЕТО и дека во таканаречените „работни куќи“ на ФЕТО се подготвувале за судски и обвинителски испити.
Во Истанбул и уште шест турски области утринава се спроведени акции за приведување при што приведени се 10 лица, додека за преостанатиот еден осомничен сè уште се трага.
Во текот на претресите на адресите на осомничените одземена им е значителна количина документи и дигитален материјал.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО, со монтиран процес за наводна корупција, во правосудството на Турција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите на ФЕТО инфилтрирани во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа 2.734 лица.