Tuba Şahin
26 Октомври 2021•Ажурирај: 27 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Турската национална авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ ги суспендираше летовите меѓу Турција и Судан откако Војската на земјата ја распушти Владата и прогласи вонредна состојба, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според прес-службата на авиокомпанијата, повратните патувања од Истанбул до Картум за вчера и денес биле откажани.
Шефот на владејачкиот Воен совет на Судан, генерал Абдел-Фатах ал Бурхан, прогласи вонредна состојба и го распушти преодниот суверен совет и Владата.
Овој потег следуваше неколку часа откако Војската ги уапси премиерот Абдала Хамдок и министрите во цивилната влада.
Ал Бурхан, исто така, најави суспензија на некои одредби од уставниот документ со кои се наведува политичката транзиција во Судан.
Според суданското Министерство за информации, Војската го уапсила Хамдок во утринските часови, откако тој одбил да го поддржи она што беше опишано како „државен удар“.
По неуспешниот воен удар минатиот месец, во Судан избувнаа големи тензии меѓу Војската и цивилната администрација.
Пред распуштањето, Судан беше управуван од Суверен совет на воени и цивилни власти, што го надгледува периодот на транзиција до изборите закажани за 2023 година, како дел од пактот за поделба на власта меѓу Војската и коалицијата на Силите за слобода и промени.