Повеќе од 150 терористички позиции се погодени во рамките на операцијата „Канџа-тигар“, која Вооружените сили на Турција ја започнаа рано утринава во северниот дел на Ирак, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турските специјални единици влегоа во регионот на Хафтанин и започнаа со жестоки напади на терористичките позиции на ПКК.
Министерот за одбрана на Турција, Хулуси Акар, стапи во врска со специјалните единици и им порача: „Секогаш покажувавте сила на турски командоси, верувам дека и денес ќе ја покажете во планините и дека исто како и претходно, ќе испишете епски победи“.
По зачестените терористички провокации и напади на полициските станици и базите долж границата со Ирак, турската војска на почетокот на неделата започна воздушна операција „Канџа-орел“, а два дена потоа и копнена операција „Канџа-тигар“.
По издадената наредба за операција, турските единици започнаа да дејствуваат врз терористичките позиции прецизно погодувајќи повеќе од 150 цели. Во акцијата е користено вооружување од домашно производство, хаубици „Бура“ и ракетни фрлачи со повеќе цевки. На специјалците на терен, со авиони, хеликоптери и беспилотни летала им се пружа поддршка од воздух.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.
Планинските региони Кандил, Гара, Метина, Авашин-Басјан, Хакурк, Зап и Хафтанин се наоѓаат во северен Ирак и претставуваат главно гнездо на терористичкото движење ПКК.
Турските сили спроведуваат опсежна борба против терористите на ПКК во Турција и во северна Сирија и Ирак.
Воените операции во пограничните региони се засноваат на правата на Турција засновани врз меѓународниот закон за самоодбрана и резолуциите на ОН за борба против тероризмот.