Yeşim Sert Karaaslan
25 Февруари 2018•Ажурирај: 26 Февруари 2018
ШАНЛИУРФА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека се надева оти Чешка ќе ѝ го екстрадира на Турција синоќа уапсениот водач на терористите на ПЈД/ПКК, Салих Муслим, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган допатува во Шанлиурфа за да присуствува на редовниот Конгрес на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Parti), a во центарот на градот им се обрати на десетиците илјади граѓани кои го поздравија со овации.
„Фатен е водачот на терористичката организација ПЈД/ПКК. Сега се надеваме дека Чешка ќе ѝ го предаде на Турција, а потоа правдата ќе биде задоволена“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека терористичката организација ПКК и нејзиниот огранок ПЈД се обидоа да ја поделат турската нација и да предизвикаат хаос, Ердоган порача дека Турција затоа одлучно се бори против тероризмот.
„Ние немаме никакви проблеми со нашите браќа Курди. Нашиот проблем се терористите и против нив се бориме“, порача Ердоган.
Истакнувајќи дека турските сили и Слободната сириска војска напредуваат во операцијата „Маслинова гранка“, Ердоган рече дека победата и ослободувањето на Африн од терористите е сè поблиску.