Gökhan Ergöçün
07 Септември 2020•Ажурирај: 08 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека нема да дозволи Турција да се врати во времето кога пред затворени врати се чекаше на позајмици пред Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган рече дека Турција од пандемијата на коронавирусот ќе излезе уште посилна.
„Нашата земја и од овој процес ќе излезе посилна, во економијата и во другите области. Поради тоа, секој наш граѓанин треба да посвети големо внимание на мерките на претпазливост“, порача Ердоган за време на претставувањето на компанијата „Туркиjе Сигорта“ во главниот град Анкара.
„Туркиjе Сигорта“, која собра шест државни осигурителни компании под еден покрив, ќе го вивне турскиот осигурителен сектор над врвот во глобалната конкуренција, изјави турскиот претседател.
„Новоформираната компанија ќе ги намали трошоците и ќе ја зголеми продуктивноста и ќе биде силен актер на пазарот во регионот и глобален конкурент“, додаде тој.
„Туркије Сигорта“, основана од турскиот Фонд за богатство, ги собра под својот покрив „Ѓунеш Сигорта“, „Халк Сигорта“, „Зират Сигорта“, „Вакиф Емеклилик ве Хајат“, „Халк Хајат ве Емеклилик“ и „Зират Хајат ве Емеклилик“.
„Туркије Сигорта“ ќе пружа услуги на 15 милиони клиенти со својот персонал кој брои 2.620 вработени, истакна Ердоган.
Тој исто така рече дека низ историјата, оние што не можеле да ја победат Турција во дипломатијата, одбраната или на воените полиња, секогаш ја користеле економијата како оружје.
Осврнувајќи се на глобалните економски ефекти од пандемијата на коронавирусот Ковид-19, турскиот претседател рече дека дури и големите економии како што се САД, Германија, Јапонија и Велика Британија, имаа сериозни загуби оваа година.
Во вториот квартал од 2020 година, јапонската, германската, француската и британската економија бележи стеснување за 10%, 11,7%, 19% односно 21,7%, додека Турција забележа негативна стапка на раст на БДП од 9,9%, потсети Ердоган.
„Со нашиот Пакет за економска стабилност ги заштитивме нашите граѓани, трговците и компаниите од негативните ефекти на пандемијата“, истакна тој и додаде: „Факт е дека сме негативно погодени од овој процес, особено во услужниот сектор и туристичкиот сектор, сепак, во споредба со другите земји, успеавме да го задржиме овој ефект на минимално ниво,“ рече Ердоган.