Burcu Arik
01 Декември 2016•Ажурирај: 02 Декември 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција не е гостин туку домаќин во Европа, јавува Anadolu Agency.
„Ниту Европската Унија, ни европските земји кои се на работ да паднат во канџите на расизмот, не можат да ја исклучат Турција од Европа. Ние не сме гостин туку домаќин во Европа“, изјави Ердоган на состанокот со муктарите (селските старешини) во претседателскиот комплекс.
Тој изјави дека проблемите што Турција ги има со некои европски земји се тековни политички спорови.
„Ако ЕУ е подготвена да ги стави настрана својата бесмислена гостопримливост и двојните стандарди против Турција, ние сме подготвени за полно членство во ЕУ“, вели претседателот.
Ердоган вети дека ќе покаже добра волја откако блокот од 28 земји ќе преземе чекор кон, како што рече тој, безвизен режим, 6 милијарди евра помош за бегалците, како и отворање на нови поглавја во преговорите за членство во ЕУ.
„Рокот за еднострана заложба е завршен“, вели Ердоган додавајќи дека Турција е уморна од чекањето одговор од ЕУ во изминатите 50 години.
„Доколку Европа го исполни својот дел, ние ќе ги исполниме сите наши ветувања. Инаку, тоа е нивен сопствен избор“, додаде тој.
Турција и ЕУ потпишаа договор за бегалците во март, кој беше со цел да се спречи нелегалната миграција преку Егејското Море со преземање остри мерки против шверцерите на мигранти и подобрувајќи ги условите на речиси три милиони сириски бегалци во Турција.
Договорот потпишан на 18 март исто така овозможи да се забрза кандидатурата за членство на Турција во ЕУ и безвизниот режим за турските граѓани во Шенген зоната.
Во заедничкиот извештај од 29 ноември 2015 година, ЕУ и Турција ја потврдија својата посветеност за повторно активирање на процесот за пристап. Турција официјално поднесе барање за да стане член на ЕУ во 1987 година, а преговорите за пристап започнаа во 2005 година.
Сепак, речиси една година подоцна, на 24 ноември, Европскиот парламент ја одобри необврзувачката предлог-одлука за замрзнување на преговорите за членство на Турција во ЕУ, како последица на истрагите по обидот за државен удар и неодамнешните случувања во земјата, вклучувајќи ги мерките преземени во рамките на борбата против терористичките групи ПКК и ДЕАШ.
По гласањето на Европскиот парламент, турскиот претседател Ердоган предупреди дека Турција би можела да ги отвори своите граници и да ги пушти бегалците во ЕУ.
Лидерите на земјите-членки на ЕУ исто така одлучија да ги оценат односите со Турција на Самитот на ЕУ на 15 и 16 декември.