Merve Berker,Beyza Binnur Dönmez,Zehra Nur Düz
09 Јуни 2022•Ажурирај: 09 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Туркије (Турција) ќе продолжи да вложува дополнителни напори за подобрување на билатералните односи со Венецуела, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќањето на заедничката прес-конференција по разговорите со венецуелскиот колега Николас Мадуро во турскиот главен град Анкара, Ердоган рече дека Туркије „отсекогаш ја поддржувала Венецуела и ќе продолжи да го прави тоа во иднина“.
„Двете страни“, рече тој, „имаат волја да ги подигнат билатералните односи на уште повисоко ниво.“
Тој додаде дека има многу области во кои Туркије и Венецуела можат да ја зголемат соработката, вклучително трговијата, енергијата, рударството, градежништвото, здравството и туризмот.
„Нашата трговска размена со Венецуела беше околу 150 милиони долари во 2019 година. Ја удвоивме до 2020 година и ја зголемивме на 850 милиони долари во 2021 година“, рече Ердоган.
Истакна дека целта на Туркије е тој износ да се зголеми на 3 милијарди долари во блиска иднина.
Ердоган рече дека како дел од напорите за подобрување на билатералните односи, турската владина делегација ќе отпатува во Венецуела следниот месец.
Претседателот на Туркије го коментира и прашањето за членството на Шведска и Финска во НАТО и рече дека НАТО е безбедносна организација, а не организација која поттикнува тероризам.
„Туркије не може да го поддржи членството на Шведска во НАТО, додека нејзината државна телевизија емитува интервјуа со терористички водачи, а истото важи и за Финска“, рече тој.
Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО на 18 мај, одлука поттикната од руската војна против Украина, која започна на 24 февруари. Туркије, долгогодишна членка на Алијансата, се спротивстави на нивните кандидатури за членство, критикувајќи ги земјите дека толерираат, па дури и ги поддржуваат терористичките организации како ЈПГ/ПКК и ФЕТО.
Сите барања за членство во НАТО мора да бидат едногласно прифатени во Алијансата од 30 земји.
Кон крајот на мај, Туркије беше домаќин на консултации во Анкара со шведските и финските делегации за нивните кандидатури за членство во НАТО. Ердоган тогаш рече дека средбите не биле „на посакуваното ниво“.
Мадуро, од друга страна, особено го пофали растечкото глобално влијание на Туркије.
Тој посочи дека Туркије игра, како што рече, „многу важна“ геополитичка улога на глобално ниво.
Двајцата лидери присуствуваа и на потпишувањето на три договори за туризам, земјоделство и економија пред заедничката прес-конференција.