Ekipa
22 Јули 2022•Ажурирај: 22 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина ќе се сретнат во Истанбул да потпишат договор за обновување на извозот на украинското жито преку Црното Море, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Со учество на генералниот секретар на ОН и руски и украински претставници, ќе се стават потписи за надминување на проблемите поврзани со прашањето за коридорот за жито, и ќе му дадеме добри вести на светот кога договорот ќе биде потпишан“, рече Ердоган на настан во Истанбул.
Неговите изјави доаѓаат пред церемонијата на потпишувањето на договорот за испорака на украинското жито што треба да се одржи во палатата Долмабахче на која ќе присуствуваат Ердоган, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и делегации од Русија и Украина.
Договорот дојде по генералната спогодба помеѓу страните за планот предводен од ОН за време на разговорите во Истанбул на 13 јули за формирање координативен центар за вршење заеднички инспекции на влезот и излезот од пристаништата и за обезбедување сигурност на рутите.
Меѓународно пофалена за улогата на посредник, Туркије координираше со Москва и Киев за отворање коридор од украинскиот пристаништен град Одеса за обновување на глобалните испораки на жито кои се заглавени поради Руско-украинската војна, која веќе е во петтиот месец.