Sefa Şahin
14 Август 2023•Ажурирај: 16 Август 2023
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател и лидер на АК Партија, Реџеп Таип Ердоган, објави пригодна видеопорака по повод 22-годишнината од основањето на владејачката АК Партија, јавува Анадолу.
Истакна дека АК Партија формирана е со цел да им служи на државата и на нацијата како политичко движење, настанато од срцето на самиот народ.
Тој додаде дека во политичкиот живот стапиле со желба и ветување дека „во Туркије ништо нема да биде како порано“.
Потсети дека АК Партија претходните години била прва на сите избори во државата и изрази благодарност до секој припадник на турската нација што, како што рече, секогаш стоел за борбата и мисијата на АК Партија да ѝ служи на цела Туркије.
Ердоган, исто така, истакна дека АК Партија во изминатите години реализирала многубројни важни проекти низ Туркије со кои е зголемена благосостојбата на граѓаните.
„Ова е најважната причина за нашиот успех на сите избори“, додаде Ердоган.
Тој потсети дека Туркије се бори со терористички организации, како ПКК, ФЕТО и ДЕАШ.
„Знаевме и за подлите игри против нашата економија од кругови што не можеа политички да нѐ контролираат и да ги спротивстават луѓето во земјата еден против друг. Благодарение на помошта на Алах и единството и солидарноста на нашиот народ ги положивме сите овие тестови со чиста совест“, рече Ердоган.
Тој додаде дека и понатаму се изложени на разни напади и тестови.
„Се соочуваме со предизвици, но фала Богу, имаме многу поголеми можности пред нас. Туркије, која успешно положи толку многу тестови, никој нема да може да ја наруши со некои минливи планови, да ја одврати од нејзиниот курс и да ги запре нејзините активности“, нагласи Ердоган во пораката.
Партијата за развој и правда, АК Партија, е основана на 14 август 2001 година.