Cihan Demirci
14 Август 2023•Ажурирај: 16 Август 2023
ЕДРЕНЕ (АА) - Многу луѓе од турската дијаспора кои го поминуваат одморот во својата татковина се враќаат во земјите во кои моментално живеат со воз, во кој ги превезуваат и своите автомобили, јавува Анадолу.
Имено, многу припадници на турската дијаспора ги ставаат своите возила во вагони на железничката станица во Едрене за да ги префрлат во европските држави.
Возот „Оптима експрес“ со патници и автомобили минува низ Бугарија, Србија, Хрватска и Словенија и по 35 часа пристигнува на последната станица во Филах, Австрија.

Џенгиз Ѓунеш во разговор со дописникот на Анадолу вели дека по одморот поминат во татковината се враќа во Минхен, Германија, каде моментално живее и работи.
Тој раскажа дека се одлучил за воз при враќањето во Германија бидејќи е многу полесно.
„Патувањето со воз е удобно. Во возот имате сѐ што ви треба, вклучително и ресторан. Сè е совршено, можете да го најдете она што го сакате“, истакна Ѓунеш.

Орхан Угур, кој исто така се враќа во Германија од родниот Кајсери, изјави дека за време на летниот одмор ја минал цела Туркије.
Истакна дека на доаѓање во Туркије патувал по автопати, но се враќа со воз.
„Првпат одлучуваме да се вратиме со воз. Патувавме многу низ Туркије, па решивме со воз удобно да вратиме назад“, рече Угур.

Џевдет Теке исто така го избра возот за побрзо враќање во Салцбург, Австрија. Тој додаде дека претпочита воз за да го избегне долгото чекање во автомобилот на граничните премини во Бугарија и Србија.
Хасан Санџактар, кој се враќа во Германија, рече дека патува со воз за да не чека во големите метежи на граничните премини во Унгарија, Бугарија и Србија.
Истакна дека патувањето со воз е удобно и поволно.
„Најголемата предност на овој вид патување е тоа што е многу удобно. Седите, станувате, легнувате в кревет, јадете. На сите им препорачувам патување со воз во кој може да се пренесе и автомобилот“, рече Санџактар.