Zeynep Rakipoğlu
16 Јули 2022•Ажурирај: 17 Јули 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган, вчера порача дека ноќта на 15 јули 2016 година, во текот на обидот за пуч на терористите на ФЕТО, се видело дека последниот збор не го одредуваат топовите и пушките, туку иманот (верување во религијата), срцето и вербата, известува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Ердоган зборуваше на комеморативниот собир на плоштадот Сарачхане во Истанбул, организиран по повод шестгодишнината од обидот за пуч на 15 јули 2016 година, во текот на кој терористите на ФЕТО убија најмалку 251, а ранија 2.734 лица.
„Ноќта на 15 јули видовме дека последниот збор не го одредуваат топовите и пушките, туку иманот (верување во религијата), срцето и вербата“, порача Ердоган пред илјадниците насобрани граѓани на плоштадот пред зградата на градот Истанбул.

Истакна дека одлучно ќе продолжат да градат голема и моќна Туркије со цел неговата земја повеќе никогаш да не се соочи со несреќи, како што е 15 јули.
„Дефинитивно ќе ја довршиме изградбата на голема и моќна Туркије, само на тој начин можеме да им се оддолжиме на нашите загинати херои“, истакна турскиот претседател Ердоган.
Ердоган нагласи дека Народната алијанса, која ја сочинуваат владејачката Партија за правда и развој (АК партија) и Партијата на национално движење (МХП), таа ноќ (15 јули) ја докажала својата борба, а тоа ќе го докажат и во наредниот период.
Осврнувајќи се на борбата против тероризмот, Ердоган рече дека Туркије ја продолжува својата одлучна борба.
„Во согласност со црвените линии на Анкара, терористичките групи ФЕТО, ПКК/ЈПГ по првпат на последниот самит, и на ниво на НАТО се одбележани како такви“, рече претседателот на Туркије.
Ердоган на насобраните граѓани и јавноста им порача дека во време на реструктурирање на политичките и економските центри на моќ, нема да им даде можност на оние кои посакуваат неговата земја да ја исфрлат надвор од игра.
Терористичката организација на Фетула (ФЕТО) е одговорна за крвавиот обид за пуч во Туркије ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација што ја предводи Фетула Ѓулен, кој се наоѓа во Соединетите Американски Држави, а чија екстрадиција Туркије официјално ја побара од САД.
Членовите на таа терористичка организација, со години, со местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се така во институциите на земјата. Потоа, најпрво во декември 2013 година, следбениците на ФЕТО во правосудството на Туркије со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Туркије, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските власти. Во обидот за пуч во Туркије загинаа 251 лице, а ранети беа 2.734 лица.