Mehmet Tosun
20 Август 2021•Ажурирај: 20 Август 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека најдоцна во рок од една година ќе бидат изградени нови домови за граѓаните кои во текот на шумските пожари во Турција во потполност останаа без покрив над глава, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ќе ги анализираме сите планови против шумските пожари, поплавите, свлечиштата и сушите“, изјави Ердоган во обраќањето на нацијата по состанокот на Кабинетот во Анкара, турската престолнина.
Тој напомена дека властите значајно ќе им помогнат на граѓаните кои се нашле во тешка ситуација за време на неодамнешните природни катастрофи.
„На местото на секое изгорено дрво ќе засадиме ново, ќе ја обновиме секоја изгорена куќа и ќе ја подигнеме секоја зграда уништена од поплавите“, додаде турскиот претседател.
Како што рече, околу 150.000 хектари земја беа зафатени од пожари во 54 различни градови во Турција само во 2021 година.
„Иако терористичките организации се сомничат за подметнување на некои пожари во нашата земја, јасно е дека се соочуваме со општа катастрофа“, изјави тој.
Тој изјави дека шумските пожари од големи размери веќе се претвориле во значаен глобален проблем.
Во своето обраќање, Ердоган, исто така, се осврна и на областите во Турција со ниска стапка на вакцинирани против коронавирусот.
„Ги повикувам сите граѓани, почнувајќи од овие области, да се вакцинираат што е можно поскоро. Ние, исто така, редовно ќе бараме ПЦР-тестови од невакцинирани студенти и универзитетскиот персонал“, рече тој.
Тој посочи дека наставниот кадар ќе треба да се тестира на почетокот на учебната година.
„На почетокот на наставата, од 6 септември, од наставниот персонал кој уште не е вакциниран, ќе бараме ПЦР-тестирање најмалку двапати неделно“, додаде тој.
Исто така, на јавните настани, како концерти и кина, наскоро исто така ќе се бара негативен ПЦР-тест со цел сузбивање на ширењето на коронавирусот.
„За патувањето со авиони и меѓуградски автобуси исто така ќе биде потребен ПЦР-тест“, изјави Ердоган.
Претседателот на Турција коментирајќи ги последните случувања во Авганистан, истакна:
„Бидејќи целта е безбедноста и стабилноста на таа земја, ние сме подготвени да разговараме со Владата што ќе ја формираат талибанците, доколку е потребно.“
Ердоган ги отфрли тврдењата на опозицијата дека Турција прифаќа 1,5 милиони авганистански бегалци.
„Турција нема никаква должност, одговорност или обврска да биде европска база за бегалци“, рече турскиот претседател.