Jeyhun Aliyev
12 Октомври 2021•Ажурирај: 13 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес на вонредниот состанок на групата Г20 предложи формирање работна група за Авганистан, нагласувајќи дека Турција е подготвена да ја води работната група, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Осигурувањето безбедност и стабилност во Авганистан што е можно поскоро е од клучно значење не само на регионално, туку и на меѓународно ниво“, рече Ердоган на вонредниот состанок на Г20 за Авганистан, приклучувајќи се преку видеоконференција од палатата „Вахдетин“ во Истанбул.
Тој нагласи дека без оглед на политичкиот процес постои потреба да се покаже силна солидарност со авганистанскиот народ поради продлабочената хуманитарна криза во земјата.
Ердоган истакна дека Турција ќе продолжи да ја исполнува својата братска должност за авганистанскиот народ во овие тешки денови.
Талибанците го зазедоа Кабул на 15 август, принудувајќи го претседателот и другите високи функционери да ја напуштат земјата. Тие формираа привремена влада на чело со Хасан Ахунд.
Светските сили ги повикаа талибанците да формираат инклузивна влада која ќе биде претставник на етничката разновидност во земјата.