Nurettin Coşkun,Ekip
27 Декември 2019•Ажурирај: 30 Декември 2019
ГЕБЗЕ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција повеќе не е земја која е само пазар на нови технологии, туку земја која ги развива, произведува и извезува во светот, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во Долината на технологијата во Гебзе денеска е претставен прототипот на новиот турски автомобил кој е уште еден во низата технолошки и индустриски достигнувања на земјата.
На церемонијата присуствуваше и турскиот претседател Ердоган, кој истакна дека на развојот на турскиот домашен автомобил работеле над 100 турски инженери.
„Нашиот сон е да имаме и на светот да покажеме автомобил, кој, користејќи ја националната технологија, го направија наши дизајнери и инженери“, порача Ердоган.
Тој му оддаде почит на поранешниот премиер на Турција, Неџметин Ербакан, кого го нарече учител, бранител на идејата за развој и иницијаторот на првата фабрика на мотори во Турција, а денешниот ден го нарече историски.
Турскиот претседател понатаму рече дека приказната за прототипот на турскиот автомобил „деврим“ од 1961 година била и приказна за рушење на соништата и порача дека Турција овој пат нема да дозволи истите кругови повторно да ѝ застанат на патот на успехот.
Најавувајќи дека фабриката за производство на турски автомобили ќе биде отворена во Бурса, Ердоган рече дека во свое лично име го нарачува првиот автомобил.
„Правиме глобален бренд. Инфраструктурата за електрични автомобили во Турција ќе биде комплетирана до 2022 година“, рече Ердоган, и додаде дека Турција веќе од никого не зема лиценци и дозволи за производство на автомобили, туку дека самата ги поставува правилата, ги бира и креира сите карактеристики.
Најавено е дека процесот на лиценцирање на брендот ќе заврши наредната година, а дека една година подоцна ќе се отвори фабрика за сериско производство, со цел турскиот автомобил да биде на пазарот во 2022 година.
„Кога ќе започнеме со сериското производство, се надеваме дека ќе го имаме првиот и единствен некласичен СУВ модел на електричен погон во Европа“, рече Ердоган.
По обраќањето, на подиумот за првпат беа покажани двата примерока од турскиот автомобил, и тоа неговата СУВ и седан верзија.
На проектот за развој на новиот турски автомобил работи Иницијативната група за производство на турскиот автомобил (TOGG), која по препорака на Ердоган се формира минатиот јуни со здружување на ресурсите на турските компании: Групацијата „Анадолу“, БМЏ (BMC), Групацијата „Кок“, „Турксел“ и „Зорлу Холдинг“
Моделот на новиот турски автомобил ќе биде од категоријата СУВ возила на електричен погон. Планот е до 2030 година да се започне со производство на пет модели на турски автомобили, и тоа по три различни верзии за секој модел. Планирано е годишно производство на 175.000 примероци.