Cem Şan,Sergen Sezgin
18 Ноември 2021•Ажурирај: 19 Ноември 2021
БУРСА
Управата на турската Инцијативна група за автомобили (ТОГГ) објави дека брзо напредува изградбата на фабриката во која ќе се произведува првиот турски автомобил ТОГГ, во градот Гемлик кај Бурса во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на управата на ТОГГ се наведува дека работите во изградбата на фабриката се спроведуваат според планот веќе 16 месеци, откако изградбата на фабриката официјално започна на 18 јули 2020 година.
Комплексот и фабриката ќе бидат изградени на простор од околу 1,2 милиони квадратни метри.
Се очекува дека изградбата на фабриката ќе биде завршена до средината на 2022 година.

Компанијата има за цел до крајот на 2022 година да произведе електрични SUV модели од Ц-сегментот, во согласност со сериското производство на возила.
Управата на ТОГГ од почетокот на ноември на социјалните мрежи објави видео во кое може да се види дека прототипот на првиот турски автомобил ТОГГ тргнува на патеката „Истанбул парк“, на која се возат трките на Формула 1.
На видеото можат да се видат нови детали во врска со процесот на производството и монтажата на турскиот автомобил, а потоа и прототип на ТОГГ како се движи на патеката „Истанбул парк“.
Управата на ТОГГ во октомври објави дека се извршени две аеродинамични и аероакустични тестирања на возилото.
Првиот сериски произведен автомобил од производствената лента би требало да излезе во последниот квартал на 2022 година. Годишниот проектиран производствен капацитет ќе изнесува 175.000 возила, за што ќе бидат ангажирани 4.300 работници.