Gökhan Yıldız
26 Декември 2019•Ажурирај: 27 Декември 2019
ИСТАНБУЛ
Јавноста во Турција со нетрпение го очекува утрешното претставување на прототипот на првиот турски автомобил кој е уште еден во низата технолошки и индустриски исчекори на земјата, а десетици илјади купувачи веќе изразија желба да го купат првиот домашен автомобил, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатата недела пред новинарите во Малезија рече дека претставувањето на прототипот на првиот автомобил од домашно производство во Турција ќе се случи на 27 декември во градот Гебзе.
Јавноста во Турција и пошироко со нетрпение чека да види како ќе изгледа турското возило, а имагинацијата дополнително ја разбуди турскиот министер Варанк, кој на социјалните мрежи објави фотографии на кои е фотографиран покрај два автомобили покриени со церада.
„Потегот на националната технологија“, ТОГГ и „Долина на технологијата“ се хаштазите што ги објави министерот Варанк покрај фотографиите.
Иницијативната група за производство на турскиот автомобил (TOGG) потоа објави и фотографија од автомобилот во мрак, на која се гледаат фаровите и контурите на возилото.
Настанот предизвика голем интерес во Турција и пошироко, а со посебна возбуда презентацијата ја чекаат и такси-возачите кои сакаат да бидат меѓу првите купувачи.
Претседателот на Унијата на такси-возачи во Истанбул, Ејуп Аксу, рече дека таксистите во Истанбул веќе упатиле барање за нарачка на 17.000 нови турски автомобили пред да видат како изгледа.
„Таксистите во Истанбул во текот на сезоната дневно пружаат услуги за 80.000 туристи. Сакаме на тие гости да им обезбедиме добра услуга и во најдобро светло да ја покажеме нашата земја и нашиот домашен автомобил“, рече Аксу.
На проектот за развој на првиот турски автомобил работи Иницијативната група ТОГГ, којашто беше формирана во јуни минатата година, со здружување на ресурсите на турските компании „Anadolu Grubu“, BMC, „Kok Grubu“, „Turkcell“, „Zorlu Grubu“ и Унијата на турски берзи и стопански комори.
Се очекува првиот турски автомобил во продажба да биде пуштен во 2022 година, а целта е брендот да биде препознатлив на домашниот и на странскиот пазар.
Првиот модел на турскиот автомобили ќе биде од категоријата СУВ-возила. Планот е до 2030 година да се започне со производство на пет турски модели, и тоа според три различни верзии за секој модел.
Повеќе детали за новиот автомобил ќе бидат откриени на утрешното претставување во Гебзе.