Aida Cako
24 Октомври 2025•Ажурирај: 26 Октомври 2025
СКОПЈЕ (АА) – Вториот ден од завршната сесија на Трибуналот за Газа започна денес на Универзитетот во Истанбул, јавува Анадолу.
Оваа четиридневна завршна сесија на глобалната и независна иницијатива што ги истражува наводните воени злосторства на Израел во Газа започна вчера, со учество на академици, активисти за човекови права, претставници на медиумите и членови на граѓанските организации.
Трибуналот ќе заврши на 26 октомври, кога ќе биде објавена неговата конечна пресуда.
Во рамките на програмата се одржуваат низа паралелни активности – изложби, проекции на документарни филмови и јавни предавања – во свечената сала на Филолошкиот факултет при Универзитетот во Истанбул.
Меѓу нив, беше отворена изложбата со фотографии од книгата „Докази“ (Evidence), составена од материјали на новинарите на Анадолу кои ја документираат израелската агресија и прогонството на Палестинците.
Исто така, ќе биде прикажан и документарниот филм „Докази“, кој ги претставува визуелните докази од книгата и ги прикажува сведоштвата и искуствата на новинарите што ги снимале материјалите од терен.
Во рамките на настаните, професорот д-р Ајхан Читил ќе одржи јавно предавање на тема „Одговорноста на мислителите по Газа“, а поранешниот специјален известувач на ОН за Палестина, професорот д-р Ричард Фок, ќе говори на тема „Меѓународното право и совеста“.
Настанот вклучува и штандови со книги посветени на Палестина, како и посебна секција наречена „Ѕид на надежта: Пораки и молитви за Газа“, каде што посетителите можат да остават пораки и молитви за поддршка на народот на Газа.