Ahmet Sait Akçay
19 Декември 2016•Ажурирај: 19 Декември 2016
ХАТАЈ (АА) - Расте бројот на повредени жители на Алепо што се згрижуваат во болниците во јужниот дел на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Повеќе од 130 сериозно повредени жители на Алепо беa префрлени од овој сириски град во болниците во областа Хатај, во јужна Турција, со цел да им се укаже медицинска помош.
Од Генералниот директорат за турските медиуми и информации денес соопштија дека и покрај напорите на лекарите да бидат спасени, пет лица им подлегнале на повредите. Вкупно 57 пациенти беа транспортирани до соседните болници, а 12 беа пуштени на домашно лекување.
Сериозно повредените жители на Алепо се префрлени на турска територија преку граничниот премин Џилвеѓозу.
Се очекува во наредните денови во турските болници да бидат згрижени поголем број повредени.
Претходно оваа недела, силите на сириската опозиција во источниот дел на Алепо постигнaa договор за прекин на огнот со силите на режимот, со цел да бидат евакуирани цивилите од градот.
Во изминатите неколку дена, најмалку 7.500 цивили го напуштија источниот дел на Алепо и заминаа во Идлиб, на 65 километри од Алепо, во близина на границата со Турција.
Војната во Сирија трае од 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад брутално ги задуши продемократските протести инспирирани од Арапската пролет. Оттогаш, стотици илјади лица загинаа, а милиони се раселени поради конфликтот.