Gözde Bayar
21 Ноември 2022•Ажурирај: 22 Ноември 2022
ГАЗИАНТЕП (АА) - Најмалку три лица загинаа во повеќе ракетни напади извршени од терористичката организација ЈПГ/ПКК во југоисточната турска област Газиантеп, соопшти турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу, јавува Агенција Анадолија (АА).
Минофрлачките гранати погодија станбено подрачје и повредија шест лица во областа Каркамиш, изјави Сојлу за новинарите во главниот град Анкара. Тој додаде дека повредените се префрлени во болница.
„За жал, според првичните информации, животот го загубиле тројца наши граѓани, меѓу кои и едно дете и наставник“, рече Сојлу.
Нагласувајќи дека Туркије ќе одговори на овие терористички акти на најсилен начин, министерот истакна дека ќе бидат преземени сите неопходни чекори во овој поглед.
На местото на нападот повреден е и еден здравствен работник. Мехмет Горен за Агенција Анадолија изјави дека се обидувал да извлече повредено лице од урнатините кога паднала другата бомба.

„Експлозијата ме однесе кон скалите. Потоа ме донесоа во болница. Мислам дека скршено ми е стапалото“, рече тој.
Пет ракети погодија станбена област во близина на Граничниот премин „Каркамиш“ во областа Газиантеп, објави на Твитер гувернерот Давут Ѓул, додавајќи дека двајца од повредените се во критична состојба.
Во нападот се оштетени едно средно училиште и две куќи, како и еден камион.

Започната е истрага за најновиот бран прекугранични напади што ги започна терористичката организација.
Вчера (недела), најмалку осум припадници на безбедносните сили, односно седум полицајци и еден војник, беа повредени во ракетниот напад на терористичката организација ПКК во југоисточна Туркије во близина на Граничниот премин „Килис Онџупинар“.
Вчера, терористите на ЈПГ/ПКК во северна Сирија истрелаа четири ракети во Каркамиш. Ракетите погодија ненаселено подрачје, а за нападот започната е истрага.

Нападите уследија откако Туркије објави дека започнува воздушна операција против терористичката организација ПКК/ЈПГ и во северна Сирија и во северен Ирак, каде што терористичката организација има засолништа од каде се планираат и организираат напади против Туркије.
Операцијата е започната по терористичкиот напад на 13 ноември на преполната улица „Истиклал“ во Истанбул, во кој загинаа најмалку шест лица, а 81 беа повредени.
Турската Влада соопшти дека нападот го извршила терористичката организација ПКК/ЈПГ.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, којашто е ставена на листата на терористички организации од страна на Туркије, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на повеќе од 40.000 лица, вклучувајќи жени и деца. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.