Ahmet Alp Özden
13 Октомври 2020•Ажурирај: 14 Октомври 2020
АНКАРА
Лидерот на турската Партија на национално движење (MHP), Девлет Бахчели, изјави дека повлекувањето на Ерменија од окупираната азербејџанска територија е предуслов за надминување на кризите и постигнување мир во Нагорно Карабах, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Отстранувањето на оружјето, прекинот на огнот и трагањето по решение на преговарачката маса би значело легитимизација на убиствата, срамот и злосторствата доколку претходно терористичката држава Ерменија не се повлече од Нагорно Карабах и не ги предаде окупираните територии на Азербејџан“, изјави Бахчели во обраќањето на пратениците на МХП во Големото народно собрание на Република Турција (TBMM).
Бахчели, исто така, порача дека сите што ги напаѓаат Баку и Азербејџан би требало постојано да имаат на ум дека Ерменија и Ереван ќе ја платат цената за тие напади.
Шефот на МХП, Бахчели, ги коментираше и шумските пожари, што терористите на ЈПГ/ПКК во изминатите недели ги подметнуваа во Хатај, и потсети дека водачите на таа терористичка организација презеле одговорност и пожарите ги ословиле како свет оган.
Истакнувајќи дека се работи за терористи кои не познаваат никакви вредности и човечност, Бахчели изјави дека е неопходно итно да се фатат злосторниците и да се изведат пред лицето на правдата.
Коментирајќи ја актуелната ситуација во Турција, Бахчели изјави дека какви било дискусии за предвремени избори во Турција се залудни и дека би претставувале губење време и труд.
„МХП мисли дека парламентарните избори во Турција треба да се одржат според редовната процедура во јуни 2023 година. Тоа е нашиот цврст став и ние ќе истраеме во тоа“, рече Бахчели.