Alp Özden
17 Април 2018•Ажурирај: 17 Април 2018
АНКАРА (АА) - Лидерот на турската опозициска Партија на национално движење (MHP), Девлет Бахчели, ги повика турските власти да распишат предвремени избори во август оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Бахчели во обраќањето на состанокот на пратеничката група во турскиот Парламент истакна дека партијата го поддржува распишувањето предвремени избори, по усвојување на Законот за процесот за усогласување на законодавството во согласност со минатогодишната референдумска одлука за премин на Турција од парламентарен во претседателски систем.
„Најдемократичен, најлогичен, најсоодветен и најпаметен пат би бил турскиот народ да излезе на гласање во победнички дух, и во исто време со претседателските и парламентарни избори да им одржи лекција на непријателите во недела, на 26 август 2018 година, на денот на одбележување на годишнината од Победата кај Малазгирт и Големата офанзива“, изјави Бахчели.
Истакнувајќи дека работата за распишување избори не треба да се одолговлекува, Бахчели изјави дека приоритетен услов е да се спречат игрите на оние што сакаат да предизвикаат хаос во Турција.
„Време е да се запрат расправите и несогласувањата за прашањата дали ќе има и кога ќе бидат изборите и дали ќе бидат предвремени или редовни“, порача Бахчели.
Редовните претседателски и парламентарни избори во Турција се планирани за ноември 2019 година.