Emin Avundukluoğlu
26 Јуни 2019•Ажурирај: 26 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Лидерот на турската Партија за национално единство (MHP), Девлет Бахчели, истакна дека купувањето на рускиот одбранбен систем Ѕ-400 не претставува само прашање за националната безбедност, јавува Anadolu Agency (AA).
„Тоа е неопходен дел од нашата државност“, изјави Бахчели на состанокот на парламентарната група на неговата партија во главниот град Анкара.
„Без разлика дали тоа на Соединетите Американски Држави (САД) им се допаѓа или не, купувањето на Ѕ-400 е прашање на нашето постоење“, рече Бахчели, кој беше во алијанса со владејачката партија (АК Партијата) на последните избори, како и во турскиот Парламент.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган неодамна изјави дека испораката на рускиот систем за одбрана Ѕ-400 во Турција ќе започне во јули.
Тензиите меѓу САД и Турција се зголемија во текот на изминатите месеци поради турското купување на рускиот систем за одбрана Ѕ-400, за кој Вашингтон вели дека ќе ја загрози улогата на Турција во програмата за воени авиони F-35 и дека може да предизвика санкции.
По долготрајните безуспешни напори за купување систем за противвоздушна одбрана од САД, Анкара одлучи во 2017 година да го купи рускиот систем S-400.
Американски официјални претставници потоа ја повикаа Турција да ги купи американските проектили „Патриот“, тврдејќи дека рускиот систем ќе биде некомпатибилен со системите на НАТО и ќе ги изложи воените авиони F-35 на можни руски интриги.
Турција, сепак, нагласи дека S-400 нема да биде интегриран во системите на НАТО и дека нема да претставува закана за Сојузот.
Турција повика на формирање комисија за разјаснување на какво било техничко прашање, но САД не дадоа одговор на овој предлог.
- Грчки активности во Источниот Медитеран -
Бахчели упати критики за изјавите на грчкиот премиер Алексис Ципрас во врска со Источниот Медитеран на неодамнешниот состанок во Брисел.
„Нашето трпение се намалува. Грција си игра со оган“, рече Бахчели.
По минатонеделниот состанок на ЕУ, Ципрас изјави: „Се надевам дека ЕУ ќе испрати јасна порака до Турција за да ги запре нелегалните активности во ексклузивната економска зона во грчкиот дел на Кипар.“
„Грчката Влада треба да знае дека не постојат пирати во Егејското Море и Медитеранот кои можат да нѐ блокираат. Ципрас треба да се откаже од заканите кон Турција и треба да се потсети на историјата“, изјави Бахчели.
Тој додаде дека турските бродови за сондажа ќе продолжат со своите истражувачки активности во Источниот Медитеран.
Турција котинуирани ја обвинува администрацијата на кипарските Грци за едностраните дупчења во Источниот Медитеран, нагласувајќи дека кипарските Турци, исто така, имаат права на ресурсите во подрачјето.
Турскиот брод за дупчење (сондажа) „Фатих“ започна со своите активности на 3 мај годинава во подрачјето на 75 километри (42 наутички милји) од западниот брег на Кипар, кому ќе му се придружи и бродот „Јавуз“.