Nilay Kar
25 Мај 2019•Ажурирај: 26 Мај 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, изјави дека Турција не очекува да биде соочена со провокативно однесување и неодговорни изјави за Егејското Море и Источниот Медитеран, јавува Anadolu Agency (AA).
„Искрено очекуваме дека провокативното однесување и неодговорните изјави кои не се од корист за решавање на проблемите во Егејското Море и Источниот Медитеран нема да бидат дозволени“, изјави Акар за време на настан како дел од турската најголема воена вежба „Морски волк“, 2019.
„Нашата желба и очекување се дека правата и интересите на Турција [која има најдолго крајбрежје во Источниот Медитеран] и Турската Република Северен Кипар треба да се почитуваат. Очекуваме од сите страни да ги почитуваат овие теми. Ова е наше најприродно право“, изјави Акар.
„Турција во секоја пригода изјавува дека е на страната за решавање на проблемите во Егејското Море, Источниот Медитеран и Кипар во рамките на добрососедските односи и меѓународното право и вложува напори во таа насока“, додаде Акар.
Турција постојано ја обвинуваше администрацијата на кипарските Грци за едностраните дупчења во Источниот Медитеран, нагласувајќи дека кипарските Турци исто така имаат права на ресурсите во подрачјето.
Кипар е поделен уште од 1974 година, по државниот удар на кипарските Грци, кој беше проследен со насилства кон турските жители на островот и интервенцијата на Анкара како земја гарант.
Во 1983 година е основана Турската Република Северен Кипар.
Последниве години имаше мировен процес проследен со прекини, а последната неуспешна иницијатива во Кран-Монтана, Швајцарија, под покровителство на земјите гаранти Турција, Грција и Велика Британија, пропадна минатата година.
Во врска со неодамнешните разговори со Грција, Акар рече: „Разговорите меѓу делегациите завршија во Атина во насока на договорот што го постигнавме со грчкиот министер за одбрана, Евангелос Апостолакис.“
„Верувам дека овие разговори ќе продолжат и во наредниот период и мислам дека тие ќе бидат во корист на двете земји“, рече Акар.
Турската делегација за одбрана во периодот од 20 до 25 мај се наоѓа во Атина за технички состанок со грчките официјални претставници за зајакнување на соработката, особено во мерките за градење доверба и кодексот за однесување во Егејското Море.